Новинарот Васко Ефтов во последната негова емисија “Во центар“ жестоко се нафрли против сите противници на постигнување договор со Бугарија по секоја цена, почнувајќи од претседателот на државата Стево Пендаровски, преку опозициската ВМРО-ДПМНЕ, па до целата јавност која бурно реагираше на отворањето на бугарскиот клуб Ванчо Михајлов во Битола.
Според Ефтов, Пендаровски бил сериозен безбедносен проблем за Македонија поради неговото „невротично политичко делување“.
- Стево Пендаровски е дел на онаа структура на Доста Димовска. Тој е дел на српскиот свет. Тој е против договорот со Бугарија. Можеби нема ништо против договорот, но дека не учествува во правење, а тој секогаш има проблем да прифати нешто во што не учествува, со своето невротично политичко делување станува сериозен безбедносен проблем во Македонија, вели Ефтов.
Ефтов поткрепувајќи ја својата теза дека претседателот е во параноја дека некој нешто му прави вели прашајте го колку шефови на обезбедување смени во последните три години. Според него Пендаровски бил сериозен проблем на СДСМ кој ќе поминувал низ тешка катарза.
Анализирајќи го историскиот континуитет на ВМРО, Ефтов тврди дека Георгиевски, Груевски и Мицковски биле наследници на Ванчо Михајлов и прашува дали треба да има партија која има континуитет на Ванчо Михајлов?
- Македонија е во драматична политичка криза, а во таква ситуација единствен излез е предвремени избори. Затоа ВМРО ДПМНЕ е против договорот со Бугарија. Доаѓаме во апсурдна ситуација. „Најбугарската“ партија во Македонија да се спротивставува на договор меѓу Македонија и Бугарија. ВМРО-ДПМНЕ да бара Македонија да се откаже од Ванчо Михајлов!? Ванчо Михајлов бил претседател на ВМРО. Љубчо Георгиевски, Никола Груевски и Христијан Мицковски се наследници на Ванчо Михајлов. И таа партија сега вели не треба да има културен центар со негово име. Да не треба да има. Но дали треба да има и партија која има континуитет на Ванчо Михајлов?
Ефтов смета дека со хистеријата на социјалните мрежи против клубот Ванчо Михајлов јавноста наседнала на провокациите на Бугарија која успеала да докаже дека сме недемократска земја која ги мрази Бугарите и која развива недемократски форми и врз база на тоа не заслужува да ги почне преговорите со ЕУ.