Министерот за екологија Насер Нуредини најави дека за половина година ќе биде потпишан договор со фирма која ќе ги гради мрежите за снабдување на одделните градови и населби со гас.
Гасоводот е 97-98 готов до Битола и донекаде до Тетово и до Гостивар. Ние сме во втора процедура. Значи не ние како државата, туку ќе имаме една приватна фирма која ќе направи ППП (јавно приватно партнерство) со државата. Тоа е сега на финална фаза. Има веќе дадено офер, оферта, и мислам дека до шест месеци на крај ќе биде потпишана. Тие мора да изградат секундарна, терцијална мрежа. И тоа значи дека од моментот кога ќе биде потпишан договор мора внатре во четири години да изградат 50 посто во градови и најмалку 20 посто во тие рурални општини, изјави министерот Нуредини.
На овој проект веќе долго време се работи, но се уште без резултати. Се смета дека воведувањето снабдување со ефтин природен гас е единствен начин да се престане со горењето дрво за загревање во зима, кое пак е главен извор на загадување во земјата. Но со откажувањето на Македонија од проектот Јужен Поток, шансите да добиеме ефтин руски гас се минимални, па останува да чекаме на снабдување од американскиот ЛНГ терминал во грчкото пристаниште Александрополис – проект во кој се очекува и Македонија да инвестира, но кој е се уште во рана фаза на развој.