Ексминистерот за надворешни работи и потписник на Договорот од Преспа, Никола Димитров коментирајќи ја изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев вели дека никогаш порано Македонците не биле вака навредени и гневни кон Бугарите и прашува како вака да градиме вистинско пријателство?
Изјавата дека ние Македонците сме некаков фалсификат е навреда и говор на омраза. Тоа што оваа изјава доаѓа од државниот врв во Софија е врвен скандал. Изјавата очигледно е антимакедонска и непријателска. За да зборуваме за некаква антибугарска политика кај нас, треба да зборуваме за Бугарите. Ние немаме ама баш никакво барање кон Бугарија, освен да не’ почитува.
Како вака да градиме вистинско пријателство? Дали можеби во ваква атмосфера може да работи комисијата на историчарите? Ако сакаме решение, треба да го бараме во рамките на принципите на меѓународното право, на договорот за пријателство и на најосновните узанси на меѓучовечките односи. Основна почит кон другиот пред се’! Никогаш во нашата Македонија не сме биле толку навредени и гневни кон вас – директен резултат на погрешната бугарска политика.
Конечно, нашите пријатели и партнери од демократскиот свет треба да се одважат и да застанат јасно зад принципите што ги застапуваат. Светот меѓу другото ни е на ова дереџе токму поради молкот тогаш кога треба да се застане на страната на принципите. Вакви изјави и услови се срамни и недозволиви во европски рамки. Повикот “решете си го спорот” легитимира и го разјадува и идентитетот на ЕУ.
Оти, ако од еден европски народ се бара да не биде посебен народ, да не биде тоа што е, да прифати дека бил фалсификат замислете, како услов да влезе во семејството, каде е ЕВРОПСКОТО во тоа семејство?, пишува Димитров.