Начелна поддршка за проширувањето на Европската Унија изрази германската канцеларка Ангела Меркел, при посетата на Хрватска, ама ни порача дека мора прво да ги исполниме критериумите.
Бидејќи сме далеку од исполнување на истите, пораката е јасна.
Всушност Меркел практично, го потврдува она што досега најдиректно го кажуваше францускиот претседател Емануел Макрон, а го нагласи и на самитот за Западен Балкан, кога им ги презентирал на земјите претенденти за членство во ЕУ, стратешките насоки за овој дел од Балканот. Францускиот претседател се фокусирал на потребата од политичка стабилност во регионот, велејќи дека Париз ќе пружи помош во клучните економски, социјални, безбедносни реформи, како и во областа на владеење на правото.
-Фокусот не е на проширувањето, туку на политика на стабилност во регионот. Треба да работиме заедно за да придонесеме за стабилноста, тоа за Франција значи стратегија за повторно ангажирање во регионот, рече Макрон на 30 април.
Истовремено со Меркел, порака од тука прати и францускиот амбасадор Кристиан Тимоние. Ни рече дека почетокот на преговорите не смее да биде подарок, односно дури и да е треба да се заслужи. Со други зборови, преспанскиот договор не е клучот за добивање датум. Особено не после Бугарија и Романија како лоши примери за недоволно подготвени земји кои сепак, добија место меѓу членовите.
Премиерот Зоран Заев, сепак е оптимист. Кога папата беше тука, рече оти ако е потребно уште десет пати ќе оди во Париз и Берлин за да ги убеди одлучувачките лидери дека заслужуваме датум.
-Ако треба и 10 пати ќе одам на средби со Макрон, Руте и канцеларката Меркел, тоа го правеа моите колеги Ципрас и Борисов. Евроинтеграциите се нашата втора цел, првата – приемот во НАТО – веќе е остварена. 14 години се предолго време да се чека пред вратите на ЕУ , рече Заев тогаш. Ќе успее ли во намерата? Времето секако не му е во прилог.
Извештајот за Македонија ќе се презентира на 29 мај, а веднаш потоа земјите членки имаат само неколку денови за да пресечат и одлучат дали Македонија заслужува датум.
izvor – makptress.mk