Новинарот Горан Михајловски предупредува дека Македонија и Балканот може да се најдат во сериозни проблеми, па дури и во нова војна, доколку Европската Унија продолжи да ги игнорира. Михајловски го напиша ова предупредување во време кога Македонија се уште не знае дали на претстојниот јунски самит на ЕУ конечно ќе добие дозвола да ги почне преговорите за членство во ЕУ, а Албанија веќе бара да биде ослободена од групата со Македонија за да не мора да чека на нас.
Не треба да нè изненадува изјавата на албанскиот премиер Еди Рама, дека Албанија ќе бара да биде тргната од пакетот со Македонија за почеток на преговорите со Европската унија. Албанија си го бара чарето. Бугарското вето за Македонија и за нив е камен околу вратот. И сега гледаат како да си го откачат. Земјите од ЕУ сега се зафатени со војната во Украина. Им дојде ненадејно руската инвазија најавувана уште од 2014. Немаат време сега да мислат на Западниот Балкан. Ги заборавија лекциите каде што малите проблеми преку ноќ стануваат големи. Тукушто одбележавме 30 години од опсадата на Сараево и над 15.000 загинати само во главниот град на Босна и Херцеговина, од кои 1.600 деца, а секое десетто дете убиено од снајпер. Ама важно нè храбрат: Продолжете со реформите и договорете се со Бугарија дали постоите. Е ајде де, пливај со камен околу вратот и врзани раце и нозе. Ќе се удавиме во балканскава дупка со каменот што ни го закачи Европската унија. Кога и нив ќе им дојде водата до грло ќе биде доцна. Како што задоцнија и со Украина. Па уште не им се верува дека и Европа е во војна, вели Михајловски.
https://sdk.mk/index.php/sakam_da_kazam/tinu-ninu/#.YlBkYDqICJk.twitter