Прочитав дека новинарот Фуркан Салиу поднел кривична пријава против извесна Ана Марија Бранѓолица, портпаролката на ЈП Комунална хигиена.
Не ја познавам г-ѓа Бранѓолица, а ни младиот колега Фуркан Салиу не го познавам лично. Затоа, мислам дека можам да кажам некои работи од позиција на неутрален посматрач на настанов регистриран на видео-снимкава.
Пред се, мене ова ми изгледа на еден некултурен, а можеби и нелегален упад во канцеларијата на г-ѓа Бранѓолица. Не знам дали младиот колега ѝ се најавил за разговор, дали евентуално бил одбиен, но гледам дека тој и неколку други лица прилично „каубојски“ влегуваат и ја вознемируваат жената.
Освен тоа, не ми е јасно каква врска има телефонот на Фуркан (не го оправдувам одземањето), кога очигледно е дека некој целиот настан го документира со камера.
Дали камерата е тука за да го снима новинарот како тој снима со мобилен телефон? Каква е смислата на тоа? Освен да се направи филмче за добриот новинар кој со својот мобилен телефон ете се справува со една лоша портпаролка…
Не е пресудно, но сепак е важно. Младиот новинар е облечен во куси пантолани и на портпаролката ѝ се обраќа со „ти“. Тоа е непристојно и дрско поведение. Лето е, на работа и јас доаѓам по куси пантолани, но не ни помислувам така облечен да влезам во било која институција. Секогаш кога разговарам со извори на информации, им се обраќам со „вие“ (ги прашувам и дали имаат време за кус разговор и дали им пречам во работата), дури и кога разговарам со луѓе кои се дваесет или триесет години помлади од мене.
Мојот општ впечаток е дека во случајов станува збор за класична новинарска „заседа“ или „упад“, нешто што не е во согласност со етичките стандарди на новинарската професија. Но ете, влезе таа работа во мода. Заслугите за таа нова мода му припаѓаат на оној поликлинички случај, кој прв почна да брка луѓе по улици со мобилен телефон и да им поставува „храбри“ прашања…
За жал, гледам дека сега многу млади новинари обожаваат да се снимаат себеси „во акција“, во обид на публиката да ѝ прикажат колку им е тешко на „напатените“ македонски новинари во битката со разните „нетранспарентни“ и опасни типки и типчиња, а посебно во битката со безобразните „тајкуни“.
А богами, гледам дека некои моќници во институциите ги поддржуваат новинариве глумци и од сенка ги сервисираат со разни „ексклузиви“.
(фејсбук статус на новинарот Бранко Героски)