Жалам, Петков личи на пристоен човек и Европеец, но мора уште еднаш да предупредам – ова е една типично балканска игранка и очигледна стапица, пишува новинарот Бранко Героски во неговата колумна за Плусинфо.
Ако владата во Скопје се согласи кое било барање на владата во Софија да стане составен дел на рамката за преговори со Европската Унија, порано или подоцна ќе подлегне на сите уцени на бугарската дипломатија.
Јасно ли е тоа?
Изгледа баш и не е. Добро, на тие што не разбираат, еве да им нацртам.
Во овој момент, не постои државник и дипломат од земја членка на ЕУ што ги поддржува каприците на софиските политичари. Нема да најдете таков. Тоа е големата слабост и на оваа нова, „реформска“ влада на Кирил Петков, која има силна потреба макар да ја одглуми својата божемна посветеност на идејата за интегрирање на сите земји во регионот Западен Балкан во ЕУ.
Но, истовремено, нема да најдете европски државник и дипломат што не ја нагласува нужноста двете земји да најдат взаемно прифатливо решение, за да се отстрани бугарската блокада. Со други зборови, ЕУ инсистира на решение на спорот меѓу земјата аспирант и земјата членка, но не зазема страна, вели Героски.