Бугарските активисти од Македонија Виктор Канзуров и неговата сопруга Станислава го фрлиле венецот што македонското движење ОМО Илинден – Пирин го постави на гробот на Гоце Делчев.
Канзуров сам се пофали со чинот, објавувајќи фотографии на својата Фејсбук страница. „Венците на ОМО Илинден отидоа во кантата за ѓубре“, порача тој.
Од ОМО Илинден – Пирин одговорија со порака на помирување до вистинските борци за човековите права, во Македонија и во Бугарија.
– Македонците од Бугарија повеќепати изразија поддршка за членовите на бугарското малцинство во Република Македонија. Но ние никогаш не добивме сличен одговор од самопрогласените претставници на Бугарите во Македонија. Замислете организација на Македонците од Бугарија да појдеше во Република Македонија и да ги фрлеше венците поставени од бугарски организации. Незамисливо е. Ние имаме достоинство и го почитуваме правото на самоопределување на сите. Ние не сме исти. Ние, македонските активисти во Бугарија, сме борци за правата не само на Македонците туку за правата на сите. Лицата како Канзуров се примитивни националисти кои се борат да ги реализираат своите перверзни соништа во кошмар за сите околку нив, порачуваат од партијата на Македонците во Бугарија.