Српската премиерка Ана Брнабиќ смета дека честите извештаи за поставени бомби претставуваат притисок од странство врз Србија бидејќи земјата не воведе санкции кон Русија по инвазијата на Украина, како што тоа го направија повеќето западни земји.
„Ние сме единствената земја во Европа која не воведе санкции кон Русија и притисоците се неверојатни од ден на ден. Овие извештаи за бомбите се и притисоци од странство поради невоведувањето санкции кон Русија“, изјави Брнабиќ за белградските медиуми.
За потсетување, околу стотина училишта во Белград вчера беа евакуирани по дојавите за бомби кои се покажаа како лажни. Дојава била испратена и до аеродромот во Ниш, а во последните денови и до трговски центри, железничката станица во Нов Белград и двапати до зоолошката градина.