Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во гостување со емисијата Анализа на ТВ 24 им се закани на вработените во детските градинки и просветните работници во основните и средни училишта дека ќе добијат замена доколку штрајкуваат.
И јас морам да кажам дека за тие кои не читаат закони, ние мораме да читаме закони, членот 25 од законот за средно образование вика во случај на прекин на воспитно образовната работа заради штрајк директорот на средното училиште по претходна согласност од градоначалникот, а за државните средни училишта од министерот е должен да го обезбеди остварувањето на воспитно образовната работа со замена на вработените кои штрајкуваат за време додека трае штрајкот, најави Битиќи.
Синдикатите бараат Владата да го испочитува договореното покачување на платите, кое следеше по покачувањето на минималната плата. Но Битиќи како изговор ја наведе економската криза, која се влоши по војната во Украина.
За жал, забораваме дека на 23 февруари, кога дојдовме до договор, немаше војна, а пред три недели тоа се случи. Имаме војна, драстично зголемена енергетска криза и драстичен удар на економската страна заради зголемување на цените во прехранбениот сектор, запирање на вредносните ланци во скоро сите сектори и тоа бара прилагодување. За три недели, се што се договоривме одеднаш не доведе во ситуација да штрајкуваме и за нас тоа е навистина зачудувачки зашто само пред 1,5 месец се договоривме дека влегуваме во процесот. Донесовме и одлука дека дијалогот продолжува, но за жал, беше најавено дека на 30-ти ќе има протест, а се договоривме дека дијалогот ќе продолжи во секое министерство и никој не рече дека не сака да преговара, истакна Битиќи.
„Треба пред јавноста да кажеме дека никогаш досега во историјата на државата не се случило да усогласат за еден ден плати во цел јавен сектор дури и кога јавниот сектор бил за 50 отсто помал од овој што е во овој момент“, потенцира Битиќи. Во врска со минималната плата, тој рече дека сегашното решение можеби не е достинствено, но сепак е максимум што може да се направи.
Синдикалните претставници кои побараа унапредување на социјалниот дијалог, го повикаа да дојде во среда на протестот и да се обрати пред присутните. Трпението, напоменаа, им е при крај, а „со пет проценти покачување на платата не се живее“.