Претседателката на Уставен Суд Добрила Кацарска врши притисок врз спикерот на Собранието Талат Џафери да го стави на седница пополнувањето на Уставниот Суд, обвини лидерот на Левица Димитар Апасиев.
Според Апасиев, Кацарска одбрала интересна тактика – решила да го стави на преиспитување крајно контроверзниот начин на кој Џафери беше избран за спикер на 27 април 2017 година. Гласањето од страна на пратениците на СДСМ, ДУИ и нивните партнери откако седницата беше прогласена за завршена го предизвика упадот во Собранието и големиот инцидент кој потоа се претвори во маратонски судски процеси.
Дали Добрила Кацарска го уценувала Талат Џафери? Му ја ставила на дневен ред одлуката за избор на претседател на Собрание, а овој – за возврат – треба денес силеџиски да ја пополни Комисијата за избор и именувања!?, рече лидерот на Левица.
Дали Добрила Кацарска го уценувала Талат Џафери?
Му ја ставила на дневен ред одлуката за избор на претседател на Собрание, а овој – за возврат – треба денес силеџиски да ја пополни Комисијата за избор и именувања!?
— Апасиев (@apasiev) March 1, 2022
Уставниот Суд е без доволно судии, а изборот на нови е заглавен во Собранието откако пратеник на БЕСА, кој е дел од Комисијата за избори и именувања, ја смени страната и од мнозинството се префрли во опозицијата. Џафери сака овој пратеник да биде заменет со пратеник од владејачкото мнозинство. Доколку именувањето на Џафери за спикер во 2017 година биде поништено, тоа може да има сериозни последици за него, но и за низа клучни одлуки донесени од тоа Собрание.