Ќе имаме советнички листи во 40 општини, а деновиве ќе биде готова и програмата за Град Скопје. Сепак, нема да ја објавиме сè до крајот, бидејќи се плашиме од препишување, рече лидерот на Левица, Димитар Апасиев, на денешната прес-конференција на која го промовираше Петар Георгиевски-Камиказа за кандидат за градоначалник на Град Скопје.
– Програмата ќе биде испечатена, но не пред кампањата, бидејќи искуството ни кажува дека често ни ги препишуваат проектите. Анкетите, на мое чудење, се оптимистички и покажуваат дека Перо Камиказа влегува во втор круг – рече Апасиев.
Кандидатот за градоначалник од редовите на Левица, пак, истакна дека сега не можел да најави големи проекти затоа што не знаел со каков буџет ќе располага.
– Јас не знам колку пари ќе ми бидат оставени во буџетот, затоа не сакам да ветувам нешто што потоа нема да може да се реализира – рече Георгиевски.