Град Скопје согласно одредбите од Законот за кривичната постапка, поднесе
кривична пријава против Љубица Јанчева, поранешен претседател на Советот на Град Скопје, и поранешниот градоначалник Петре Шилегов, поради злоупотреба на положбата со трошење градски пари за богати забави по ресторани.
Советникот за односи со јавност на новоизбраната градоначалничка Данела Арсовска, Данијел Апостолоски, изјави дека има основано сомнение дека Шилегов и Јанчева извршиле кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 ст.5 вв со ст.1 од Кривичниот Законик.
Љубица Јанчева, во својство на претседател на Советот на Град Скопје, искористувајќи ја својата службена положба, од средства од буџетот на Град Скопје
искористила средства за прослава во ресторан во Скопје, спротивно на законските
прописи за извршени набавки на стоки и услуги и спротивно на Законот за јавни
набавки, додека Петре Шилегов како градоначалник на Град Скопје, искористувајќи
ја својата службена положба и овластување, а со пречекорување на границите на
своето службено овластување без да постои склучен договор, спротивно на Законот
за јавни набавки, дозволил да се искористат и исплатат средства од буџетот на Град
Скопје, на кој начин пријавените прибавиле имотна корист и нанеле штета на буџетот
на Град Скопје, истакна Апостолоски.
Тој додаде дека Љубица Јанчева во својство на претседател на Советот на Градот
организирала предновогодишна забава во ресторан во Скопје, и за тоа своерачно
потпишала и посебен интерен образец со кој потврдува дека ги искористила
наведените средства и во прилог кон истиот доставила фактура, со што ги потврдува
издатоците за реализирани средства за репрезентација. Како што посочи, за незаконитостите алармирал и Секторот за финансиски прашања при Град Скопје кој во службена белешка укажал дека се работи за услуги спротивно на законот, каде е наведено дека доставената фактура се однесува за извршени услуги за кои Градот со предметниот правен субјект нема склучен договор со постапка за јавна набавка во 2019 година.
И покрај тоа што било укажано од надлежните служби дека се работи за извршени
услуги за кои нема склучен договор за јавна набавка, Петре Шилегов како
градоначалник во тој период, го игнорирал ваквото укажување и свесно дозволил на
незаконски начин да се искористат средствата од Буџетот на Град Скопје, кои се
средства на граѓаните, додаде Апостолоски.