По аудио снимката за Зоран Заев што вчера ја објави Антонио Милошоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на прес-конференција од партиското седиште повика на граѓански протест за утре во 18 часот кој ќе започне пред Обвинителството на кејот на Вардар и ќе заврши пред Врховниот суд.
„Ги повикувам сите граѓани да ни се приклучат, од сите националности и убедувања. Ова не е протест само на ВМРО-ДПМНЕ туку на сите граѓани кои знаат дека главната кочница е Зоран Заев. Протест на кој ќе порачаме дека одговорност мора да има за неправдите, одговорност за главата на октоподот која не може да се сокрие“, порача Мицкоски.
Мицкоски наведе и три, според него, суштински работи од аудио материјалот што го презентира Милошоски.
„Прво, имаме јавно признание дека Заев грубо ја злоупотребил службената должност диктирајќи одлуки на Врховниот суд. Второ, тој јавно признава дека се влечат случаите и за таа негова стратегија знае и СЈО и Катица Јанева која била свесна за сето тоа. Трето, шемата како да паднат случаите била јасна или закон за обвинителство или ќе го цитирам „трас-трас“ одлука на Врховниот суд. Значи освен премиер, бил и судија, но и обвинител. И заспаното обвинителство за сето ова молчи“, потенцира Мицкоски од партиската говорница.
Прaтеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, од седиштето на партијата во неделата, откако, како што самиот рече, не му било дозволено да го направи тоа во Собранието, објави нова аудио снимка во која се слуша само гласот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, а која му била доставена од анонимен „свиркач“. Милошоски, по пуштање на снимката, во која забележливо е дека одредени реченици се недовршени, обвини дека Заев додека бил премиер се мешал во одлуките на судската власт. Според опозицијата, снимките покажуваат дека Заев договарал одлуки со Врховниот суд и бил во тесна и блиска соработка со Катица Јанева.
„Што е важно? – Катица тоа го знае, знае од целиот почеток… значи ја со Јово Вангеловски, беше еден од трите судии во Врховен суд, имаше и други тројца од Апелационен суд, што требаше да паднат поради бегството на Сеат Кочан и заради бегството на овој (Груевски). И Јово беше вратен, сум се смирил и сум се договорил со Јово. Точно е ние бевме блиски, тераме блиски, јас сум таков човек, прво не верувам секојпат дека не треба, секојпат сум верувал. Ова е политичка битка помеѓу ВМРО и СДСМ и тука треба да застане, заради тоа се разговорите, они поминаа границите. Знаејќи го Катица целото тоа што се случува, она така и се однесува. Знае дека ќе паднат предметите, знае, дека и да не сака, она помага, значи готово, нема, влезена е во тој процес сега“, се слушаше во разговорите кои ги објави Милошоски.
Еден час по објавување на снимката, порталот „Прес 24“ објави интервју со Заев, кој тврди дека ВМРО-ДПМНЕ се закопало со објавување на снимката.
„Денес, еве, имаме свеж пример, Антонио Милошоски пушта некои мои разговори со кои јасно се гледа зошто беше важен законот. Јас во објавените тонски снимки ја коментирам одлуката на Врховен суд за непостапување за предметите од СЈО по јуни во 2017 година, состојба со која предметите паѓаа доколку не се изгласаше Законот за јавно обвинителство. ВМРО-ДПМНЕ се закопа, пушта снимки од разговори од време кога сите знаеа дека предметите на СЈО беа под закана. Милошоски го знае новиот закон, тој, Груевски и Мицкоски знаат дека предметите ќе добијат пресуди врз основа на обезбедените докази. Спасени се доказите, спасени се предметите, само криминалот на ВМРО-ДПМНЕ не е спасен“, вели Заев.
Разговорот, додава тој, некој од присутните неовластено го снимал додека се разговара за причините и потребата зошто треба да се донесе законот за Јавно обвинителство.