„Туризмот на распиратор“, „Ни треба помош сега и веднаш“, „300 туристички агенции ќе стават клуч на врата“, Државата не заборави“, се само некои од пораките кои ги упатија туристичките работници на протестот што се одржа пред Владата.
Како што велат тие засегнати се 5.000 вработени во овој сектор кој е еден од најпогодените поради пандемијаата со КОВИД-19.
Протестот почна во 16 часот во центарот на Скопје потоа учесниците се упатија пред зградата на Владата. На мирниот протест присуствуваат повеќе од 700 луѓе, а следени се и од автобуси, кои на моменти ги вклучуваа сирените.
„Цели пет месеци сме без никакви примања, без никаква можност за одржување на функционалноста на нашите сектори. Доколку државата не ни даде помош, ќе бидеме принудени во наредните денови да ставиме клуч на нашите врати“, велат туристичките работници.
„Сведоци сте на нашата борба за опстојување на нашиот сектор, поради кризата со КОВИД-19, како и барањата кои во повеќе наврати ги упативме кон сите надлежни институции – Министерство за економија, Министерство за финансии, со цел помош на туристичките агенции, водичи, пратители и превозници, но досега останаа неми за нашите апели и ниту еднаш не добивме никаква надеж дека воопшто ќе бидат разгледани”, информираа организаторите.