Пратеничката од владејачката СДСМ, Фросина Ременски последна од редот на повиканите се огласи со најава за тужба, откако премиерот Заев ги повика сите споменати функционери за наводна поврзаност со „Рекет“ да го тужат порталот „Инфомакс“.
„Со оглед на фактот дека, лицитирањето со вината и манипулирањето со ширење на дезинформации и клевети за мене и за мојот сопруг ги сметам за напад врз мојата чест и углед, што повлекува и чувство за загрозување на мојата безбедност, ќе ги преземам сите законски дозволени средства за заштита. Барам новинарот кој е автор на текстот во порталот Инфомакс и порталот Република кој објави клеветнички наслов да го повлечат веднаш и да се извинат во спротивно се приклучуваме кон заедничката тужба за клевета од премиерот Зоран Заев и други“, напиша Ременски на својот „фејсбук“ профил.
Порталот „Република“ денеска објави текст со наслов – „Рускоска: Во „Рекет“ директно се вмешани Зоран Заев, Јовче и Форсина Ременски, Радмила Шекеринска и Никола Димитров“.
„Република“ се надоврзува на првичната објава на порталот „Инфомакс“, каде се појави факсимил од една страница од Записник за примање кривична пријава, од 2 мај 2019 г. токму за рекетирањето. Во текстот на „Инфомакс“ има и делови од Записникот каде се споменуваат функционери, но содржината не може да се провери зашто е објавен факсимил само од првата страна на документот.
Денеска и премиерот Зоран Заев најави дeка ќе го тужи новинарот на „Инфомакс“ кој првично го објави текстот, бидејќи , според него, содржината е невистинита и манипулативна, а ги повика и останатите функционери на тоа. Заев е категоричен дека на никаков начин не е поврзан со Боки 13 и со случајот „Рекет“.
„Јас лично како граѓанин, а не како премиер, а ги повикувам заедно со мене и Радмила Шекеринска, Никола Димитров, Фросина Ременски и сите што сме споменати таму, да поднесеме тужба за клевета и таму да ги отвориме документите и пред лицето на јавноста да покажеме дека новинарот кој го лиферува ваквиот запис лаже“, изјави Заев.