Американскиот дипломат Метју Нимиц во разговор за Дојче веле открива што го мотивирало да истрае во долгогодишниот спор за името, кои политичари му оставиле впечаток и каде го јадел најдоброто јагнешко.
Метју Нимиц „потроши“ речиси 25 години од својот живот во медијација меѓу Македонија и Грција, најпрво за Времената спогодба, а потоа и за надминување на спорот за името. Со него деновиве разговаравме во Берлин, каде беше гостин на конференција посветена на посредување во конфликти во светот.
„Сите мислеа ова е лесно. Седни на маса. Најди име. Ама не беше така“, низ насмевка го започнува разговорот за ДВ.
И покрај тоа што спорот е формално затворен, а тој нема обврски кон ОН во тој дел, сепак и натаму внимава како ќе одговори на прашањата, кој термин ќе го користи, стравува да не открие нешто што би можело да наштети некому од која било страна. Затоа и ретко дава интервјува, објаснува, затоа што мора да внимава што ќе каже.
Признава дека до самото потпишување на договорот во Преспа на 17 јуни 2018 година, па ни потоа не бил сигурен дека целата работа ќе се истера до крај. А денот на потпишувањето не го памети само по 79 роденден кој го прослави на брегот на Преспанското езеро.
„Тоа беше многу потресен и многу важен ден. Мислам дека веројатно беше врвот на мојата кариера“.
Во изминативе 25 години, неретко, и семејството и пријателите го задевале за упорноста да истрае во изнаоѓање решение.
„Во семејството понекогаш мислеа дека сум луд што толку долго се занимавам со ова прашање. Но поддршката беше голема. Пријателите често ме задеваа: Уште ли се занимаваш со тоа?
Но тоа е важен дел од мојот живот“, вели Нимиц.
Се присетува дека во 1994 година, кога со првиот медијатор во спорот, Сајрус Венс започнале да работат на проблемот, прво се концентрирале на надминување на грчката блокада и постигнување на Времената спогодба.
„Откако беше постигната мислевме дека нема да трае уште долго пред да се реши и името. Не ни помислувавме дека ќе бидат потребни уште 20 и повеќе години за да се реши спорот”.
Од тој период впечаток му оставил тогашниот македонски министер за надворешни работи Стево Црвенковски.
„Тој беше прекрасен човек. Беше математичар, филмски продуцент и постојано пушеше. Не можевте ни да влезете во неговата соба затоа што тој не се гледаше. Беше во облак од чад”.
„Се измачив со БЈРМ“
Денес признава дека постојано се мачел со користење на официјалното име „поранешна југословенска Република Македонија“, име кое всушност и не беше име.
„Привремената референца во Обединетите нации воопшто не беше име на земјата. Тоа беше времена референца во очекување на име. Тоа ви е како јас и сопругата да добиеме дете и во болница да му напишат „синот на г-дин и г-ѓа Нимиц. И ако детето 20 години шета без име, тој или таа ќе расте во многу непријатна ситуација. Вашата земја беше заглавена со таа референца што беше понижувачки за државата, ја доведуваше во прашање нејзината легитимност, отвораше проблеми, а беше тешко и за мене како претставник на ОН да ја користам и постојано да повторувам ‘поранешна југословенска Република Македонија'”.
Периодот по потпишувањето на Времената спогодба го оценува како неповолно за конечен договор меѓу двете страни. Во тој момент, ниту на Скопје ниту на Атина не им одговара да продолжат со решавање на проблемот.
„Понекогаш мислев дека медијаторите беа единствените кои навистина беа заинтересирани да го решат проблемот“.
Иако признава дека често на претставниците на двете земји им нудел да се повлече од позицијата, впечаток е дека сепак никогаш немал намера да го стори тоа.
„Речиси секоја година ги прашував: Сакате ли да продолжам? Но тие секогаш ми велеа: Продолжи. Чувствував дека ако извршувам добри услуги за нив дека треба да продолжам. Имаше периоди кога чувствував дека ништо нема да се случи, но исто така мислев дека светот е таков. Така функционира историјата. Со вакво нешто секогаш морате да бидете подготвени да ја искористите шансата кога ќе се укаже.“
„Среќа е што тоа не ми беше единствената работа. Да беше така, и да требаше да седам во канцеларија со месеци без да правам што било, ќе бев многу депримиран“, вели тој.
Во изминатите 20 години, откако беше именуван за посредник на ОН во спорот од страна на поранешниот генерален секретар на светската организација Кофи Анан, Нимиц работеше за еден долар годишно. Симболична сума на пари кои, патем, никогаш не ги добил.
„20-те долари никогаш не ми ги исплатија, ама барем редовно ми ги плаќаа патните трошоци“, се шегува Нимиц.
Трајковски имаше лидерски потенцијал
Од денешен аспект смета дека единствениот период во минатото кога можеби можел да се реши спорот се отворил веднаш по Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година. „Можеби во таа кризна атмосфера нешто можеше да се стори“, се присетува Нимиц, „но излезе дека не е така затоа што имаше премногу бес и владата во Скопје одлучи да тужи пред Меѓународниот суд“.
„Ни САД тогаш не беа многу од помош, да поттурнат за да се најде ново име.”
Го споменува и периодот на грчкиот премиер Јоргос Папандреу, „кој имаше интерес да го реши проблемот“, и неколкуте негови средби со тогашниот македонски премиер Никола Груевски. „Но, тоа не беа интензивни преговарачки сесии, што ме разочара. Тоа беа само куси состаноци“.
И во периодот на владите на Љубчо Георгиевски и Костас Симитис за време на конфликтот во 2001 година кружеле идеи преку „неформални дискусии, а биле нафрлени и неколку имиња“, но во тој период надежите на Нимиц биле насочени кон поранешниот претседател Борис Трајковски.
„Трајковски беше претседател. Имав чувство дека доколку Трајковски не загинеше трагично во авионската несреќа, дека тој имаше лидерски потенцијал да стори нешто”.
По самитот на НАТО, владата на Груевски го започнува процесот на антиквизација. Центарот на Скопје добива нов лик со споменикот на Александар Македонски, но и со десетици други паметници и градби во антички стил. Според Нимиц, тоа имало „многу лош ефект“.
„Имав многу дискусии со Груевски и имав добри односи со него. Минавме многу часови заедно. Ќе одев во неговиот дом и ќе вечеравме заедно, и ќе разговаравме. Го сметав за многу интелигентен. Ги познаваше работите многу добро. Секогаш го сметав за многу интересна личност за разговор на оваа тема. Но неговите, и погледите на претседателот Иванов, беа премногу заглавени во историскиот пристап. Тоа за мене беше ќорсокак”.
Но Груевски, оценува Нимиц, никогаш не бил подготвен да го направи последниот чекор.
„Тој не беше подготвен на компромис доволен за да се постигне договор. Беше флексибилен, но неговата флексибилност беше лимитирана. А и политиката во земјата беше таква што тој со оваа тема добиваше на избори“.
Алтернативата, според него, е враќање назад во минатото.
„Вие имате толку многу задачи пред вас. Зарем повторно ќе го отворате овој проблем? Пред Северна Македонија е процес на интеграција во НАТО и ЕУ, економски развој, подобри односи со соседите, помирување меѓу етничките Македонци и етничките Албанци… Ова се навистина големи прашања за иднината. Навистина повторно ќе се враќате назад и ќе се расправате со Грците за името?”
„Погледнете со какви проблеми се соочува Грција? Тие добија добро решение. Тие добија сѐ што бараа во изминатите години. Промена на името ‘ерга омнес’, признавање на историските прашања, јасни анти-иредентистички отстапки. Мислам дека ова е вистински успех за Грција во многу димензии, но некои луѓе во Грција се обидуваат од оваа дипломатска и стратешка победа да направат психолошки пораз. Тврдат дека од нешто се откажале, ама тешко е да се сфати од што тие се откажале?“
Го потсетувам Нимиц дека најголем проблем за грчката опозиција е признавањето на македонската нација и јазикот како македонски, а тој одговара дека тоа воопшто не е нешто што некој друг го признава или не.
„Како можеле тие да го загубат јазикот. Јазикот е јазик. Погледнете во британските или во американските лексикони и ќе видите дека јазикот кој се зборува во тој регион од словенското население се нарекува македонски. На овој начин само се дефинира како на англиски јазик се нарекува тој јазик.
Се обидувам да им објаснам на Грците дека ова не е нешто за што тие направиле отстапка.
Честопати си мислам дека ако бев паметен ќе го напишев договорот (од Преспа, н.з.) на кинески јазик, затоа што кинескиот е официјален јазик на ОН. Доколку го напишевме договорот на кинески, ќе ги немавме сите овие проблеми. Никој во Грција или Северна Македонија немаше да разбере што содржи тој.
Им објаснувам на моите грчки пријатели: Вие не сте им го дале ним тоа, едноставно така во светот се користи јазикот. Нивниот јазик е македонски и на англиски тој се преведува како Macedonian. Ниту јас им го дадов тоа, ниту вие им го дадовте тоа, туку едноставно тој јазик си постои. Разбирам дека Грците мислат оти со признавањето на овој факт тие сметаат дека нешто им е одземено. Но јас навистина не мислам дека тие било што дале”.
Извор: dw.com