Во нова снимка која трае само 23 секунди, а во која се слуша нов сегмент од разговорите меѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и осудениот во „Рекет“, Зоран Милески-Кичеец се зборува за начинот на кој биле платени автобусите ангажирани за митингот пред Влада кој се одржа на втори јуни 2018 година. Според неа, Мијалков го финансирал транспортот на луѓето кои од други градови беа носени на митингот во Скопје.
Во разговорот, Мицкоски му вели на Милески-Кичеец: „Сашо никогаш не доаѓал во партија, скршен од мака. Сашо даде двапати по 5.000 евра за автобусите за втори јуни. Тоа е од Сашо донација“, откако претходно, Милески-Кичеец му раскажува: „Најди си лик, не знам, имал тој некој пријател добар, со нешто, ваму-таму, ја ќе појдам, само да не појдит Сашо никако во партија, да не влезит, тие се муабетите“.
На датумот кој го споменува Мицкоски во снимката, односно втори јуни, во Скопје пред Владата се одржа голем протест на ВМРО-ДПМНЕ, на кој најдолг говор имаше токму претседателот на партијата. На него беа донесени граѓани од други градови со организиран превоз во Скопје.
Не е познато на кој начин ги Мијалков ги донирал 10.000 евра за да се платат автобусите, кои ги споменува Мицкоски. По ова, се отвора прашањето на легалноста на ваквите донации и дали тие биле уредно пријавени во финансиските докумантации на ВМРО-ДПМНЕ.
За ВМРО-ДПМНЕ веќе се води постапка за незаконско фининсирање на партијата. Судските процеси за предметите „Талир 1“ и „Талир 2“ кои ги оформи СЈО траат, а во нив е обвинето дел од поранешното раководство на партијата, меѓу кои Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Иво Котески, Емил Димитриев.
Претходно, на истиот „Јутуб“ канал, беа објавени снимки во кои Мицкоски кажува дека е против закон со кој „Империја“ ќе продолжи и за тоа како Камчев му помогнал да отплата на долговите оставени од Груевски. Во друг објавен разговор, пак, Мицкоски се жали дека на некоја од средбите со Камчев е сликан, имајќи го предвид фактот дека бизнисменот и сведок во „Рекет“ бил под ПИ мерки.