,,…Во никој случај не сум израснат со фрустрации на жртва на комунизмот, а запознав мноштво жртви коишто, буквално, целиот живот им бил исполнет со комплексни конфликти. Во ниедна смисла за себе не можам да кажам дека сум жртва на системот.
Попрво би рекол дека сум грешка на ТОЈ комунистички систем, имајќи го предвид моето семејно политичко наследство коешто повеќе гарантирало дека ќе бидам надежен функционер на југословенските комунисти отколку, да речеме, дека ќе станам некаков противник на тој систем.
Во контекст на подготовката да бидам дел од системот, ќе споменам уште неколку настани кои што досега не сум имал можност јавно да ги соопштам! Еден ден во четврта година во делчевската гимназија, ме повика директорот и ми рече:
„Слушај, Љубчо, ние долго размислувавме и донесовме заклучок дека ти си најдобар избор да бидеш претседател на Средношколскиот младински комитет”. Понудениот предлог го прифатив, станувајќи комунистички функционер, учебната 1983-1984 година.
До денес немам одговор зошто моите политички опоненти од СДСМ таа комунистичка епизода, наследниците на Комунистичката партија на Југославија и на Македонија, тој податок ни еднаш не го искористија за моја дискредитација?”
Извадок од книгата ,,Мојата Македонска приказна” – Љубчо Георгиевски