Бев студент и само што бев наполнил 21 година. Вечерта на 8 септември кога дојдов на плоштадот, тој беше веќе полн и во исчекување на резултатите од гласањето на референдумот. Додека стоевме и чекавме објавување на резултатите се сеќавам дека искоментарав дека всушност денес правиме држава. Ќе имаме своја држава – Македонија, гордо додадов, пишува поранешниот премиер Груевски на Фејсбук.
Всушност формално правно ние имавме држава уште од 2 август 1944 година и ние тој ден на 8 Септември 1991 година, само прогласивме независност. Но, како дел од Југославија немавме чувство дека вистински имаме држава Македонија, барем не мојата генерација. Сите поважни одлуки се носеа во Белград, а истите такви кои се носеа во Скопје, претходно беа формално или неформално координирани или одобрени од Белград. Дејуре имавме држава, дефакто како да ја немавме или барем чуството ни беше дека немаме целосно своја држава. Но тоа “дејуре” создадено со многу крв и жртви на 2 август 1944 година, всушност многу ни помогна на 8 септември 1991 година, при првата историска шанса, без човечки жртви, со една храбра влада и парламент, храбра партија ВМРО-ДПМНЕ и одлучна генерација Македонци и граѓани на Македонија да стане освен “дејуре” и “дефакто”- независна и суверена држава. Во последните неколку години, ова “дефакто” пак е некако доведено под прашање, ослабнато, бледо, млитаво и прилично пропаднато. Не е како во Југославија, ама и не е како што личи на една вистински независна, но и суверена во носење на одлуките држава. Повторно чекаме некој друг да ни одобри за се и сешто, да ни каже како, кога и слично, вели тој.
Прашува од каде произлегува таа потреба за се и сешто од некого да бараме одобрение или тој да ни ја донесе одлуката за нешто што на почеток и тој неочекува и е изненаден што му се обраќаме, но подоцна се навикнува па се лути ако биде прескокнат.
Нека ни е честит 8 Септември, Денот на независноста! Нека е вечен празникот и нека е вечна Македонија! Нека овој празник не потсеќа дека сме независна и суверена држава, дека треба да се стремиме кон поголема, а не помала сувереност и дека никој сосила нема да не тера да го практикуваме тоа, ако самите се трудиме друг да ја превземе одговорноста за одлуки кои треба сами да ги донесеме и за одлуки за нашата судбина. Да бидеме многу посуверени и понезависни. Барем онолку- колку земјите во чие друштво се стремиме да влеземе. Нашите сегашни сојузници, ќе ни останат сојузници, како и ние ним, но ќе не гледаат како позрела нација и нејзино водство, а нивните преставници интимно повеќе ќе не почитуваат. Да бидеме суверенисти! Да живее независна и суверена Македонија!, напиша Груевски кој е во бегство во Будимпешта.