Бојан Јовановски (Боки 13), на својата 1ТВ, вечерва одговори за сите шпекулации кои изминатиов период се ширеа во јавноста.
Тој изјави дека се препознал во текстовите на новинарот Бранко Геровски, кој на својот портал Плусинфо пишува серија текстови во кои посочува сопственик на телевизија со псевдоним Коки, како и партиски функционер Фрики, кои наводно рекетирале компании и личности низ нашата држава.
Јовановски остро ги демантираше ваквите наводи и изјави дека тие се ноторни лаги и невистини:
-Знаете како, шемата е позната, објавуваш една вистина и на неа налепуваш десет невистини. Така се создаваат афери кои за жал, народот ги восприема како точни, изјави Јовановски.
На прашањето на новинарката, што доколку бил сниман од некој од деловните партнери, Јовановски не ја исклучи оваа можност, но рече дека не се плаши, бидејќи не направил никаква незаконска постапка.
Јовановски потенцираше дека е свесен зошто сето ова му се прави, а тоа според него е популарноста на телевизијата:
-Можам и јас да почнам да шпекулирам и да нагаѓам како некој успеал да купи седум стана, или дека за колумни во медиумите кај што работел наплкаќал огромни пари, но тоа нема да го направам, рече Јовановски.
За крај Бојан им порача на оние кои му го валкаат името:
,,Едно нешто да знаете, едниот клуч од “Пандорината кутија” е кај мене”, заврши Јовановски.