Во општествените и хуманистичките науки последните неколку децении доминира зборчето „пост“. Имињата, на пример, на Лиотар, Рорти, Фуко, Слотердајк и Хејбер, или, во Македонија, на Ќулавкова, Котеска и Андоновски, да спомнам само неколкумина, веднаш асоцираат на поимите/синтагми: постструктурализам; постметафизика, постмарксизам; постмодернизам; постисторија; постсекуларизам итн. За Старделов, „недвојбено е сознанието дека денес опстојуваме во едно ново постисториско раздобје“.
Поимот постисторија подразбира, ако се користи Оксфордскиот речник, замислен период по запишаната историја, сè уште неевидентирана историја на иднината. Што можеме да кажеме за постисторијата на Македонија?
Дополнувајќи го Старделов, да се расправа денес по ова прашање, поточно да се расправа денес за односот на филозофијата, политиката и власта не е можно ако постојано не сме обземени од духот на достоинството, „како прерогатив conditio sine qua non на секоја човечка егзистенција.“ Одговорот на прашањето ќе го предочам во четири чекори.
Прв чекор: Спогодбата од Преспа. За оваа тема пишував неодамна. Тука сакам да прозборам за преводот на членот 3б од Спогодбата. На англиски јазик, членот гласи:
„The nationality of the Second Party shall be Macedonian/citizen of the Republic of North Macedonia, as it will be registered in all travel documents“, додека преводот на македонски гласи: „Државјанството на Втората страна ќе биде македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, како што ќе биде заведено во сите патни документи“. Категоријата „државјанство“ се изведува од терминот граѓанин, на англиски јазик: citizenship и citizen. Така, во англиската верзија, членот 3б јасно разликува две категории: „националност“ и „државјанство“ (или граѓанин, жител). Уште повеќе, во англискиот член кај националност е наведен зборот „македонска“, а кај државјанство синтагмата „граѓанин на Република Северна Македонија“.
Оттука, може да се констатира дека македонскиот превод нотира само една категорија. Во него е испуштена категоријата националност, а зачувана е само категоријата државјанство (граѓанин). Би сакал да напоменам дека термините националност и државјанство не се синоними и имаат различни значења. Интересно е да се спомене дека во членот 15 (1 и 2) од Универзалната декларација за правата на човекот на Обединетите нации стои: „Секој има право на националност“ и „Никој не смее самоволно да биде лишен од својата националност, ниту од правото да ја промени националноста“. Исто така, Универзалната декларација за правата на човекот на Обединетите нации во ниеден член не го спомнува терминот државјанство.
Кои се мотивите, уште повеќе кои се последиците од тоа што терминот nationality во Спогодбата е преведен со државјанство, а не со националност? Ако за некои мислители не се спорни македонскиот идентитет и македонската етничка припадност, дали Спогодбата од Преспа (веќе) доведе до истребување, лишување на македонската националност?
Дали со Спогодбата е доведен во прашање суверенитетот на нашата држава? Ова се само мал дел од прашањата за коишто МАНУ треба и мора да понуди научна и аргументирана анализа.
Повеќе >> www.novamakedonija.com.mk