Премиерот Зоран Заев денеска им се враќа на своите работни обврски и му завршува четиридневниот одмор од 10 до 14 мај поради кој не присуствуваше на инаугурацијата на новоизбраниот претседател на Македонија, Стево Пендаровски.
Заев за прв пат нема да мора да работи во кохабитација со шефот на државата, бидејќи заедно со Пендаровски доаѓаат од иста политичка опција, додека позади претходниот претседател Ѓорѓе Иванов стоеше опозицијата.
Пендаровски најави дека го чека Заев во претседателската резиденција да го испијат првото кафе како претседател со премиер и најверојатно уште денес премиерот ќе се упати кон Вилата Водно да му честита непосредно за инаугурацијата, откако тоа досега го направи само преку видео-обраќање во неделата.
Засега не е позната денешната агенда на Заев, но беше најавено дека веднаш штом ќе се врати од одмор ќе се види со претседателот на ДУИ, Али Ахмети, како со коалиционен партнер со кој треба да разговара за евентуалната реконструкција и ротирање на позициите во Владата.
Заев денеска треба да се обрати и на свеченото отворање на Меѓународната енергетска конференција во Струга.
извор: фактор.мк