Државата треба да функционира како часовник, а не со половина капацитет, вели вицепремиерката и заменик-претседателка на СДСМ
Според министерката за одбрана и заменик-претседателка на СДСМ, Радмила Шекеринска, изборите треба да се организираат пред почетокот на летните месеци, за што поскоро да се овозможи функционирање на институциите со полн легитимитет и капацитет.
„Мојот став е дека треба да организираме избори час поскоро затоа што ни треба држава и институции со полн капацитет, за да им помогнеме на фирмите да преживеат, да им помогнеме на граѓаните кои ќе бидат во потешка социјална и економска ситуација… Ни требаат закони, ни требаат пари и од странство, а за сите тие работи ни треба функционално Собрание. Мојот став е дека час поскоро и дефинитивно пред почетокот на летните месеци треба да ги организираме изборите“,
изјави Шекеринска.
Секоја политичка партија која посакува државата да функционира како демократска, потенцираше, треба да ја прифати оваа аргументација.
„Ова не го правиме за себе. Ние сме министри и би требало ние да сакаме уште малку да ни продолжи мандатот, а опозицијата да вели ајде побрзо на избори. Меѓутоа, имам чувство дека дел од опозицијата ги смета своите шанси за победа мали и дека се надева дека тоа ќе се промени ако се одложат изборите. Но ова не се избори кои треба да бидат по желба ниту на СДСМ, ниту на ВМРО-ДПМНЕ, туку ова се избори што треба да ѝ овозможат на оваа држава да функционира како часовник, а не со половина капацитет“,
нагласи Шекеринска.