Министерството за здравство го потпиша договорот за набавката на дезинфекциски средства за училиштата и веќе од утре ќе почнат да се дистрибуираат како превенција од коронавирусот, информираше денеска министерот за здравство Венко Филипче во обиколката на граничниот премин „Табановце“.
„Во текот на вчерашниот ден го потпишавме договорот и веќе од утре со помош на локалните самоуправи ќе бидат дистрибуирани во основните училишта, така што и тој проблем ќе биде решен“,
изјави Филипче.
Набавката на сапуни и дезинфекциски средства во училиштата се спроведува по задолжение од Владата како превенција од коронавирусот. Филипче информира дека во тек е набавка и на заштитна опрема за дополнување на резервите во здравствените институции.
Во моментов нема нови тестирања за заболени од коронавирус, па засега потврден случај е само педесетгодишната жена, која според Филипче е во стабилна здравствена состојба.
Дополнително, вчера стигнале и резултати од лабораторија во Германија која ги потврдила досегашните тестирања на Инфективната клиника во Скопје, кои за повеќе од десетина лица покажаа негативни резултати.
Филипче уверува дека контролите на граничните премини се прават по сите стандарди и дека целосно се почитува алгоритмот за превенција.
„Секој патник се анкетира од каде доаѓа. Доколку доаѓа од ризичните региони, се прави дополнително интервју дали бил во контакт со заболено лице или има симптоми, и доколку има, се трга на страна и се контактираат епидемиолози кои понатаму постапуваат согласно алгоритмот“,
изјави Филипче.
На граничниот премин Табановце има најголема фреквенција, а околу 250 патници се дојдени од Италија, изјави техничкиот премиер Оливер Спасовски кој беше во посета на граничниот премин заедно со Филипче. Не сите пријавиле дека доаѓаат од земјите жаришта на коронавирусот, па Спасовски апелираа граѓаните да ги почитуваат препораките.
„Најмногу апелирам до совеста на граѓаните. Има случаи кога некои луѓе биле во Италија и доаѓаат без да пријават, па дури одат на работа. Затоа најважен момент е колку ќе бидеме самосвесни“,
изјави Спасовски.
Спасовски најави остри санкции за сите што манипулираат со цените на заштитната опрема во аптеките. Вели дека Владата го чека заклучокот од институциите за да се види, како што рече, кој профитира на сметка на граѓаните.