Бугарскиот премиер Кирил Петков му се јавил на Димитар Ковачевски да реагира за нападот врз објект во сопственост на бугарски активист од Битола. Според македонските медиуми, прозорците во импровизираниот објект биле скршени од поранешната сопруга на активистот, но поради тоа што се работи за човек активен во бугарскиот клуб „Иван Михајлов“, прашањето станува нов проблем на билатералните односи.
Порталот Сакам да Кажам објави дека инцидентот бил дело на поранешната сопруга на Б.Ш. (44) од селтоо Брусник кај Битола. Се работи за киоск од времен карактер, а сопругата наводно го признала делото во разговор со полицијата.
Но, во бугарските медиуми се јавија реакции по нападот и обвинувања дека се работи за напад од омраза.
Утринава беше нападнат објект на секретарот на Културниот центар Иван Михајлов – Битола. Направена е пријава до надлежните органи на СВР Битола, се надеваме дека сторителите ќе бидат откриени и санкционирани во најбрз можен рок!!! Паралелно случајот е пријавен во Генералното конзулство на Република Бугарија во Битола. Повторно се наложува да си поставиме прашање дали е ова само вандалски и криминален акт, или станува збор за нешто друго!, објави бугарскиот клуб од Битола.
Ковачевски вчера потврди дека Петков му се јавил да праша за инцидентот. „Сакаше да се информира за двата инциденти кои се случиле во нашата држава, едно за искинатите венци на гробот на Гоце Делчев, а второто за искршеното стакло во Битола, за кое полицијата кажа дека не станува збор за политички инцидент, изјави Ковачевски за разговорот со Петков.