Се очекува дека Русија наскоро ќе ги признае областите Доњецк и Луганск во источна Украина како независни држави. Ова е исходот на денешната седница на Советот за национална безбедност што го свика Путин.
Двете области се под бунтовничка контрола од 2014 година, кога во Мајдан револуцијата беше сменета про-руската власт во Украина. Русија бараше Украина да признае широка автономија на областите и да се откаже од членството во НАТО, а во случај да не дојде до тоа, се ширеа закани од руска инвазија. Делува дека ова е сега водечката опција за Русија, која веќе поттикна отцепување на области од Грузија и го присвои Крим од Украина.
Во изминатите месеци ги засиливме нашите обиди со нашите партнери во Вашингтон и во НАТО да добиеме безбедносни гаранции и да осигураме мирен развој на нашата земја. Ова е наш приоритет, а не конфликт со нив. Но, мораме да ја осознаеме реалноста во која што живееме. Ако Русија е соочена со заканата Украина да влезе во НАТО, тогаш заканите против нашата земја ќе се умножат. Русија секогаш се обидуваше да ги разреши конфликтите по мирен пат. Но властите во Киев спроведоа две казнени операции во обие области и се чини дека сега сме сведоци на трета ескалација, изјави Путин за време на седницата на Советот.
По Советот, Путин бил во контакт со водачите на Франција и Германија, Емануел Макрон и Олаф Шулц, при што им навестил дека е веројатно дека Русија ќе ги признае овие две области како независни. „Раководствата на народните републики Доњецк и Луганск добија повици да побараат признавање на нивниот суверенитет, како резултат на воената агресија од украинските власти и масовното гранатирање на територијата на Донбас, поради што страда цивилното население“, соопшти Кремљ, по разговорите на Путин со Макрон и Шолц.