Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска по се изгледа не поднела пријава за клевета кон СДСМ, откако оваа партија ја обвини дека и таа и нејзиниот сопруг имаат бугарско државјанство. Обвинувањата СДСМ ги изнесе меѓу двата изборни круга во трката во Скопје, а Арсовска ги негираше и најави дека вистината ќе ја докаже на суд.
Но, законски предвидениот рок од три месеци во текот на кои може да поднесе пријава измина, а пријавата очигледно не е поднесена.
Портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска изјави дека до партијата нема дојдено приајва.
Екипата на 360 степени побарала одговор од Арсовска дали поднела пријава и зошто не го сторила тоа, но не добила конкретни одговори од градоначалничката.
360°: Зошто не ги тужевте СДСМ за наводите дека имате бугарско државјанство? Тоа беше силна кампања.
За се ќе си има постапки, за се ќе се докаже.
360°: А знаете дека ви измина рокот за поднесување тужба?
Не се грижете, за се си има постапки, преземени се. Дел од нив избегнуваат прием на документите, не се грижете.
360°: Кого тужевте?
Јас реков дека правдата ќе си пристигне и дека ќе си биде реализирано сето она, да си имаат одговорност за сите невистини коишто ги искажаа и коишто континуирано ги истакнуваат.
360°: Кого тужевте, бидејќи велат не добиле тужби?
Ви благодарам, да не го расипуваме денеска денот“
СДСМ вложи се на картата на наводното бугарско државјанство на Арсовска, при што нивни активисти лепеа бугарски знамиња врз билборди на Арсовска и погрдно ја нарекуваа „кметица“. И покрај тоа, Арсовска убедливо победи во вториот круг, а нејзината победа на Петре Шилегов ја испровоцира и оставката на Зоран Заев како премиер и лидер на СДСМ.