Американската дипломатка Викторија Нуланд, која веќе со децении доминира со Стејт Департментот, им порача на Грците да заборават на нивниот проект за изградба на гасовод под Средоземно Море во соработка со Израел. Овој проект треба да носи гас од подводни наоѓалишта кај Израел до Европа, а Грција сака да доминира со него поради својата географска положба.
Но, при посетата на Атина, Нуланд јасно им кажа на Грците дека и Турција треба да биде дел од енергетскиот развој на регионот, а дека Европа нема време да чека десетина години да се изгради гасоводот. Според неа, моменталното решение треба да биде пренос на гасот во втечнета форма (ЛНГ) со бродови, а на среден рок, гасот ќе се напушти како енергенс од еколошки причини. Ова значи дека Грција веројатно никогаш нема да ја добие посакуваната улога на главен центар за транспорт на гас, бидејќи ЛНГ бродовите можат да ја заобиколат Грција и да отпловат до било која држава во регионот – Хрватска, Албанија, Црна Гора, Италија, Бугарија…
Не е потребно да чекаме 10 години и да трошиме милијарди за такво нешто. Гасот треба да го транспортираме сега. И треба да го користиме како привремено гориво додека да прејдеме на по-еколошки горива во иднината. По десет години нема ни да сакаме гасовод, ќе сакаме да сме зелени. Но, точно, ние имаме потреба од гас сега. Треба да го користиме во вид на втечнет гас и со електрични далноводи, изјави Нуланд.
Оваа опција секако им одговара на САД и поради можноста за извоз на американски гас во втечнета форма, до терминали како што е тој на хрватскиот остров Крк или како што се гради во грчкото пристаниште Александрополис. Во случај Европа да има стабилно снабдување со гас преку гасовод, тогаш нема да има улога за американскиот гас.