Сашо Мијалков денес во судот се покажа верен на Никола Груевски и негираше дека поранешниот премиер му барал да прикрие имот.
Откако минатата недела Орце Камчев и кумот на Груевски, Ристо Новачевски, сведочеа против Груевски, Мијалков не го изневери братучедот.
Апсолутно е неточно дека сум помагал во прикривање на имот, ова го тврдам најодговорно.. Неточно е. Никогаш некој од мене не побарал нешто слично, па ниту Никола во овој случај не побарал од мене да прикријам некаков имот. Единствениот доказ против мене, е исказот на Алек Ивановски, но и тој не потврди дека некој од мене побарал нешто вакво, истакна Мијалков. Тој истакна дека судот не мора да им верува на обвинетите, меѓу кои е и тој, за тоа што ќе го кажат како своја одбрана, туку да им веруваат на доказите. „Ова што ќе го кажам денеска, не значи дека вие како судија треба да ми поклоните верба. Како обвинет можам да кажам било што, како и останатите сообвинети. Можеби некој на минатото рочиште кажа невистина. Вие треба да поклоните верба не на нашите искази, туку на фактичката состојба. Во целата постапка ние не видовме ниту еден материјален или вербален доказ кој го поткрепува обвинението“, истакна Мијалков.
Тој посочи дека можеби сведочењето на сведокот Алек Теранова, може да се смета на негова штета, но истакна дека ниту неговиот исказ не покажува дека сторил некакво кривично дело.
-Дали сум дал упатства, совети и предмети за да се стори некое кривично дело? Не, никогаш не сум дал совет за да се изврши било какво кривично дело, а тоа не сум го сторил ниту за овој случај, истакна Мијалков.
Груевски напиша два огорчени Фејсбук коментари минатата недела, по сведочењето на Камчев и Новачевски. Тој кажа дека режимот на власт им се заканил и ги принудил да дадат такви сведоштва, односно, во случајот на Камчев, го притиснале со друг кривичен случај во кој тој е навистина виновен.