Јавноста се бранува, но и се дели околу ликот и делото на историската фигура Ванчо Михајлов. Доби културен центар во Битола, зелено светло од владите на Македонија и Бугарија, но црвен картон во јавноста.
Реагираа експертската јавност, граѓаните, а на социјалните мрежи не стивнуваат реакциите. Доскорешниот партиски функционер на СДСМ и актуелен градоначалник на Куманово испрати соопштение до медиумите во кое бара оставка од министерот Бујар Османи, а од премиерот Димитар Ковачевски да ја осуди постапката на бугарската страна. Тој во долгиот напис вели дека отворањето на културниот центар е уште една во низата провокации од бугарска страна.
Во оваа прилика сакам да упатам порака и до нашиот премиер Ковачевски најпрвин сериозно да ја преиспита работата на министерот Османи, и да ги превземе сите чекори за негово разрешување, и веднаш јавно да даде изјава во која ќе ги осуди постапките на бугарскиот државен врв и ќе застане на браникот на македонските национални интереси, што е впрочем негова уставна обврска заедно со претседателот на државата Стево Пендаровски, наведе кумановскиот градоначалник.
Димитриевски е на страната на критичарите на Ванчо Михајлов според кои ова име кое асоцира на минатовековниот фашизам. Со таков став се и низа политички и јавни личности во земјата кој бурно реагираа на социјалните мрежи. И опозициската ВМРО-ДПМНЕ, преку Драган Ковачки упати барање до премиерот да сноси одговорност, но и да отвори вакви културни центри во повеќе бугарски градови.