Американското министерство за финансии ја прошири црната листа, на која се најдоа имињата на поранешниот премиер во бегство, Никола Груевски и поранешниот прв човек на тајната полиција, Сашо Мијалков. На листата се најде и фирмата која што Груевски ја отвори во Унгарија минатата година. Станува збор за компанијата I.C.I.C. KFT. ( I.C.I.C. LTD.), со адреса во Унгарија, која што е отворена на 15 јули 2021 година, а Стејт департментoт ја поврзува со поранешниот премиер Груевски.
Американската влада во образложението за Груевски и за Мијалков наведува дека се одлучила на ваков чеков како одговор на нивната вмешаност во значителна корупција. Нивните постапки го поткопале владеењето на правото, демократските институции и јавните процеси во двете земји и ја нарушиле довербата на јавноста во владите. Додека ја извршувал премиерската функција, „Груевски бил вмешан во акти на корупција кои вклучувале користење на неговото политичко влијание и моќ за лична корист“, наведува Стејт Департментот. Според информациите на САД, „Груевски ја злоупотребил функцијата со барање и примање мито во замена за владини договори, злоупотребил јавни фондови и се мешал во изборниот процес за сопствена корист и политичка корист за партијата“.
Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков исто така бил вмешан во коруптивни зделки за лична корист, наведува Стејт Департментот. Слично како Груевски и тој „ја злоупотребил функцијата со барање мито во замена за владини договори и се мешат во изборниот процес“.
Мерките коишто ги презеде САД се однесуваат и на нивните семејства. Тоа значи дека Груевски, Мијалков и членовите на нивните потесни семејства се неподобни за влез во САД. На листата која што е објавена во понеделникот (11.04) се најдоа повеќе имиња од регионот, а најголем дел од нив се од Србија, Албанија и од Босна и Херцеговина. Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии (ОФАЦ) воведе економски санкции на седум физички лица и еден ентитет во четири земји од Западен Балкан.