Премиерот Зоран Заев според договореното на лидерската средба кај претседателот, Стево Пендаровски, на 3 јануари ќе се повлече од премиерската функција, а Северна Македонија ќе добие техничка Влада, тврдат високи извори од Владата по шпекулациите кои деновиве се појавија во јавноста дека изборите закажани за 12 април може да се одложат. По Нова година, велат тие, Заев ќе биде политичар, a не премиер.
Брзо по повлекувањето, според информациите, планирано е Заев во својство на лидер на СДСМ да има средба во Софија со премиерот на Бугарија, Бојко Борисов на која би требало да се отвори и прашањето околу недоразбирањата во мешовитата македонско-бугарска комисија за историски прашања која на последните состаноци оствари напредок само во делот на средновековната историја, додека ставовите по однос делото на Гоце Делчев остануваат дијаметрално спротивставени.
„Ќерката на премиерот студира во Софија. Тој по новогодишните празници планира да ја посети, а наедно посетата да ја искористи и за средба со премиерот на Бугарија, Бојко Борисов“, велат извори од Владата.
Сепак разврската на проблемот околу Делчев, ако воопшто може да биде решен, ќе се остави за периодот по изборите, бидејќи, според проценките, не е добро тоа чувствително прашање да биде тема која би се злоупотребила од одредени политички субјекти и со која би се окупирал предизборниот период. Неодамна претседателот Пендаровски изјави дека не е сигурен дека предвремените парламентарни избори ќе се одржат на 12 април. Таа изјава лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ја протолкува како ставање на шефот на државата во улога на портпарол на СДСМ.
„Одложувањето на предвремените парламентари избори кои беа договорени да се одржат на 12 април, ќе ја втурнат државата во нова политичка криза“, рече Мицкоски, кој тврди дека друга алтернатива. Притоа нагласи дека доколку дојде до вакво одложување, тогаш тие не се сигурни дека во иднина ќе соработуваат со претседателот.
Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи вчера во емисија на ТВ21 исто така ја коментираше изјавата на претседателот Пендаровски во која вели дека не е убеден дека изборите ќе се одржат на 12 април.
„Пендаровски не носи одлука за одложување на изборите. Тој е само модератор. Претседателот и сам кажа дека тој не одлучува, туку тоа е одлука на политичките партии, истите кои донесоа одлука за оддржување на изборите на 12 април. Засега, нема никакви индиции за одложување на изборите“, рече Османи.