Златев за Алфа: Веднаш треба да ме притворат, ќе продолжам да објавувам документи од јавен интерес

Прочитај за: 2 минути

Ако кривичниот прогон против мене нема политичка позадина веднаш треба да одам во притвор, бидејќи ќе продолжам да објавувам документи од јавен интерес, вели пред камерата на Алфа новинарот Љупчо Златев. Тврди дека зад кривичната пријава за пишан текст, има политички мотиви, директно споменувајќи дека е по нарачка на директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски.

-И утре да добијам ист ваков документ кој има јавен интерес, јас пак ќе го објавам. Тоа значи дека јас јавно кажувам дека ќе го повторам делото. Доколку не е монтиран политички случај, во истиот момент јас треба да одам во притвор, затоа што најавувам повторување на делото. Најавувам и влијание врз сведоците, односно сите оние свиркачи, кои ми ги дадоа овие документи, им реков да се повлечат за да немаат свои реперкусии, вели Златев.

Златев заработи кривична пријава откако објави две статии за злоупотреба во Агенцијата за национална безбедност. Во текстовите тема е исклучувањето од селекцијата за вработување во АНБ на лице кое претходно работело во УБК. Како причина за тоа било наведено дека неговиот татко бил дел од протестите за промена на името. Златев вели тука има огромен јавен интерес, а ниту документите не биле класифицирани како службена тајна.

-Овие документи имаат класификација на „Интерно“. Е сега јас сум ги добил овие документи од свиркач, по законите во Република Македонија тоа значи дека тие престануваат да бидат класифицирани, затоа што се работи за јавен интерес. Овде имаме класично кршење на законот и ограничување на службена тајна, вели Златев за Алфа.

Осуда за кривичниот прогон кон Златев пристигна и од еснафските здруженија. Од Здружението на новинари на Македонија и Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници, изразуваат загриженост поради кривичната пријава против главниот уредник на порталот „Лидер“.

Институциите треба да земат во предвид дека при постапување во вакви случаи, треба да се водат од начелото на јавен интерес и од тоа колку ваквите судски постапки можат да предизвикаат самоцензура, а со тоа да се ускрати правото на граѓаните да бидат свесни за евентуални злоупотреби во институциите, се вели во соопштението на ЗНМ и ССНМ.

Осуда за кривичниот прогон поради напишан текст, пристигна и од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.  Златев очекува дека овој како што го нарекува политичко- кривичен прогон против него ќе заврши со осудителна пресуда, порачувајќи дека правдата и невиноста ќе ја бара преку повисоките судови, а можеби и во Стразбур.

SHARE