Заев: Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се „аутсајдери и заробени од груевизмот“, во август нова влада

Прочитај за: 3 минути

Процесот на преговори за формирање нов состав на владата ќе почне веднаш по илинденските празници. Бројките се јасни, СДСМ и коалицијата „Можеме“ на овие избори обезбедија најмногу пратенички места, кристално чисто е кој го има мандатот, вели во интервјуто за „А1он“, лидерот на СДСМ Зоран Заев.

За него, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се „аутсајдери“ и според него, тие на предвремените парламентарни избори покажале дека имаат сериозни проблеми и дека се „заробени од груевизмот“.

Во однос на ниската излезност на граѓаните на изборите, Заев тврди дека за тоа има три причини: стравот од коронавирусот, времето на нивното одржување (сред лето) и црната кампања што ја водело ВМРО-ДПМНЕ.

Заев ветува дека во август ќе биде заокружи изборниот процес и ќе бидат ставени во функција новото Собрание и новата Влада, а наесен веќе ќе има целосно активни институции.

Господине Заев, очекувавте ли ваков резултат на изборите? СДСМ победи со околу 12.000 гласа повеќе пред ВМРО-ДПМНЕ. Ако се гледа од аспект на 2016 година и тоа дека на изборите победи ВМРО-ДПМНЕ, тогаш може и да се смета за успех. Но, доколку се има предвид дека се најавуваше поголема победа и дека повторно коалицијата зависи од ДУИ, тогаш може ли да се нарече успех? Како сте вие задоволни од резултатот?

– Парламентарните избори се успех и за Северна Македонија, и за граѓаните, и за СДСМ. Овие избори ги потврдуваат демократските процеси и тенденции кои низ изборните циклуси неповратно се случуваат од 2016 наваму.

Имавме фер, демократски и кристално чисти избори кои го покажаа демократскиот капацитет на нашата земја, но и на СДСМ како политичка опција и владејачка партија. Еве и во трет изборен циклус граѓаните слободно и демократски гласаат, овој пат и во спцифични Ковид услови, а СДСМ трет пат победува. Има ли поголем успех од тоа граѓаните да ти доверат победа во услови на слобода? Има ли поголема победа од тоа да добиеш мнозинство во слобода, наспроти мнозинствата што Груевски ги добиваше под принуда?

Успехот од овие избори кој мене ме прави исклучително горд, е што граѓаните на јасен и недвосмислен начин ја потврдија европската определба и европската иднина на нашата земја. Победата на СДСМ и Коалицијата „Можеме“, поддршката што ја добивме на овие избори се јасен показател дека мнозинството од граѓаните сакаат европска, безбедна, просперитетна, економски напредна Република Северна Македонија. Држава која храбро ќе чекори напред, која ќе освојува нови пазари, која ќе гради нови перспективи, која ќе ги негува добрососедските односи и ќе создава нови пријателства.

Изборната победа е уште една потврда и поддршка на политиките на СДСМ, на Преспанскиот договор и на Договорот за добрососедство со Бугарија. Се покажа уште еднаш дека граѓаните ги поддржаа овие храбри одлуки, дека мнозинството стои зад нив, а тоа ме прави особено горд и среќен.

Понудата на ВМРО-ДПМНЕ, враќањето на мрачното минато, најавите за преиспитување на Договорите со Грција и со Бугарија, загрозувањето на нашето членство во НАТО, загрозувањето на нашиот евроинтеграциски пат добија јасен црвен картон. Тие застарени и националистички политики немаат иднина на нашата политичка сцена.

Тоа се покажа на овие избори, а ќе се покаже и на секои наредни.

Колкави се шансите СДСМ да формира влада и дали тоа во моментов е можно само со ДУИ, кои останаа на условот Насер Зибери да биде премиер, односно услов кој кажавте дека не го прифаќате?

– Процесот на преговори за формирање нов состав на владата ќе почне веднаш по Илинденските празници.

Бројките се јасни, СДСМ и Коалицијата „Можеме“ на овие избори обезбедија најмногу пратенички места, кристално чисто е кој го има мандатот.

СДСМ и Коалицијата „Можеме“ со европските и напредните политики што ги водеше досега и со јасната понуда во делот на економијата и правдата има најголем коалициски потенцијал, далеку поголем од капацитетот на ВМРО-ДПМНЕ или која било друга партија.

И јас и СДСМ досега покажавме дека за нас политиката не е бројка, политиката не ја сведуваме на услови и условувања, туку на процес од кој секогаш треба да се извлече максимумот кој е единствено во интерес на граѓаните и на државата.

Нам во овој момент ни се неопходни стабилно парламентарно мнозинство, стабилна влада, која успешно и ефикасно ќе ги менаџира и здравствената криза и економските предизвици со кои се соочуваме, но и евроинтеграцискиот процес на кој чекавме 30 години.

Затоа сметам дека разумот и рационалноста ќе преовладеат и дека во рамките на со Уставот предвидените рокови, СДСМ ќе обезбеди функционална влада.

СДСМ е голема, широкограда и отворена партија и ќе разговараме за коалицирање со сите партии кои се подготвени да го прифатат европскиот, демократскиот, слободарскиот концепт и патот што Северна Македонија го оди како земја членка на НАТО. Структурите кои заговараат идеи различни од демократскиот и европскиот концепт не припаѓаат во идната владејачка коалиција водена од СДСМ бидејќи таквите конфликтни и ретроградни опции или се поразени или се маргинални.

Повеќе >> a1on.mk

SHARE