Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ нудат само обнова на режим и враќање назад во изолација, но граѓаните тоа нема да им го дозволат и на 15 јули ќе гласаат за број 3 и коалицијата „Можеме“, вели лидерот на СДСМ и носител на пратеничката листа во четвртата изборна единица Зоран Заев во мини-интервју за неделникот Фокус.
-Гледајќи ги резултатите од анкетите, но и многу поважно, гледајќи го расположението на граѓаните на терен, немам дилеми дека нашата коалиција ќе оствари убедлива победа на 15 јули. Тоа значи дека оваа предизборна коалиција ќе го предводи парламентарното мнозинство и ќе ја формира идната влада – вели Заев.
ФОКУС Каква кампања очекувате во рамки на четвртата изборна единица каде ја предводите пратеничката листа на СДСМ? Кои теми и прашања ќе доминираат и ќе се обидете да ги наметнете – здравствената криза, економската ситуација, локалната инфрастурктура…?
ЗАЕВ Изборната единица 4 е доминантно земјоделска изборна единица и природно е оваа тема да биде во фокусот на интерес на граѓаните. Се разбира, ситуацијата со коронавирусот и справувањето со економските предизвици се од интерес на сите граѓани во секое населено место. Нашата кампања промовира решенија, мерки, проекти и идеи. Во директна комуникација со граѓаните, нудиме конкретни проекти за економијата, за земјоделството, за образованието и социјалната заштита, за се она што е важно за граѓаните, за нашата држава, за нашата иднина.
Од друга страна, сведочиме на празна, црна, негативна кампања од страна на ВМРО-ДПМНЕ не само во изборната единица 4, туку низ целата држава. И Христијан Мицкоски и Александар Николоски не нудат ништо позитивно, само напади кон мене, кон СДСМ и кон коалицијата. Кога ќе отворат уста, од нив излегуваат зборовите на Груевски.
Јасна е разликата помеѓу нашите концепти и таа разлика ќе се потврди на 15 јули. Ние нудиме повисоки плати, инвестиции во здравството, поддршка на земјоделците, нудиме раст и развој. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ нудат само обнова на режим, враќање назад во изолација, но граѓаните тоа нема да им го дозволат и на 15 јули ќе гласаат за број 3 и коалицијата „Можеме“, а победата јасно ќе биде изразена и во четвртата изборна единица.
ФОКУС Каков резултат очекувате на изборите и кои се главните фактори кои ќе определат кој ќе победи на изборите, но и кој ќе успее да формира влада? Дали формирањето на владата ќе го диктираат исклучиво изборните резултати или способноста за компромис?
ЗАЕВ Гледајќи ги резултатите од анкетите, но и многу поважно, гледајќи го расположението на граѓаните на терен, немам дилеми дека нашата коалиција ќе оствари убедлива победа на 15 јули. Тоа значи дека оваа предизборна коалиција ќе го предводи парламентарното мнозинство и ќе ја формира идната влада. Распределбата на мандати ќе покаже дали ќе има потреба од дополнително коалицирање со други парламентарни партии.
ФОКУС Во неколку наврати порачувате дека добро е ДУИ е замине во опозиција. Дали верувате дека предизборната коалиција со БЕСА самостојно ќе освои мнозинство во парламентот, или пак можеби преферирате постизборна коалиција со Алијансата за Албанците и Алтернатива?
ЗАЕВ Како што реков, СДСМ е фаворит на овие избори и СДСМ ќе составува Влада, тоа е фикс. Прашањето е со кого дополнително ќе се коалицира. Но, за тоа да го почекаме прво изборниот резултат, има време за коалиции. Во секој случај, колку е нашето мнозинство поголемо, толку следната влада ќе биде постабилна и поуспешна.
СДСМ како партија, со своите политики кои обединуваат, кои водат напред, има најголем коалиционен капацитет. Се разбира доколку ги следат нашите принципи и ги споделуваат нашите визии за тоа каде и каква треба да биде државата во 2024 година, немаме проблем да се приклучат и дополнителни парламентарни партии. На крајот, убавината во демократијата е да имате што повеќе субјекти со различна природа, но со заедничка цел.
Повеќе >> Фокус