Вардар оди во Келн!

Прочитај за: < 1 минута

Трета година по ред Вардар ќе игра на завршниот турнир од Лигата на шампионите во Келн откако успеа да ги сочува скопските осум голови разлика во Сегед, денеска загуби со 29:25 а тоа беше пораз по кој македонскиот шампион се радува.
Благодарение на одлично издание во второто полувреме Вардар оди во Келн! Црвено-црните изгледаа изгубено во првиот дел, ПИК Сегед ги доби првите 30 минути со 17:9 и веќе го имаа резултатот кој им требаше за пласман на фајнл-фор турнирот.

Атмосферата беше жешка, ПИК Сегед го имаше резултатот кој им треба, се беше на нивна страна, но Вардар ја покажа сета своја големина во второто полувреме. Македонскиот тим одигра брилијантно, зрело, фокусирано и на крајот дојде до тоа што го посакуваше. Црвено црните го добија второто полувреме со 16:12 за конечни 29:25 за домаќинот, пирова победа за нив, голема радост за нашиот Вардар.

Во последната минута од натпреварот се случија и немили сцени, по еден старт на Мораес на средината на теренот настана гужва помеѓу ракометарите на двете екипи, повеќе имаше вербална отколку физичка пресметка, но тензијата беше голема. На крајот само Бразилецот за фаулот доби директен црвен картон.

Игор Карачиќ имаше уште една феноменална партија со осум постигнати гола, Криштопанс даде пет, Дибиров четири. Најдобар кај ПИК Сегед беше Банхиди со седум гола.

Вардар трета година по ред ќе игра на фајнл-фор турнирот во Келн, а овој пат за противници ќе ги има Веспрем, Кјелце и Барселона.

Извор: www.mkd.mk

- Следи Македонски Весник за повеќе содржини -

SHARE