„Ставот на СДСМ за распуштање на Собранието е јасен – прво да се донесат сите законски решенија што се договорени и кои што се важни за иднината на земјата. Законите мора да бидат донесени пред распуштање на Собранието“, се обиде утрово техничкиот премиер Оливер Спасовски, да ги намали тензиите по драматичните препукувања меѓу владините коалициски партнери СДСМ и ДУИ за тоа кој е виновен за блокирањето на неколку клучни закони во Собранието, вклучувајќи го и законот за јавно обвинителство.
При посета на студентскиот дом „Гоце Делчев“ тој рече дека релациите со ДУИ се коректни.
„Како што ја почнавме коалицијата со нив, така и ќе ја завршиме. Доколку дојде до такво нешто, да се опструираат законите, тогаш ќе мислиме за нов коалициски партнер“, изјави Спасовски додавајќи дека тој не очекува да има дополнително неразбирливо одложување на носењето на законските решенија.
Синоќа, генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, на фејсбук напиша дека „доколку во Собранието се продолжи со тактизирање и ако на кој било начин се оневозможи гласање на важните закони, а особено законот за јавно обвинителство, Изборниот законик, законот за одбрана, разрешувањето на Мизрахи…, во тој случај постои реална можност ние да направиме ново парламентарно мнозинство, а потоа и нова стабилна влада која ќе организира редовни парламентарни избори“.
На статусот на Николовски веднаш одговори собранискиот спикер Талат Џафери, кој предложи денеска да се одржи лидерска средба, велејќи дека ако имаат потреба да создадат друго мнозинство, во текот на утрешниот ден да имаат состанок согласно Пржино и уште еднаш да ја потврдат желбата за избори.
Пратеникот на СДСМ, Мухамед Зекири, пак на фејсбук напиша дека станува збор за обновување на побратимството меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, вели дека релациите во владината коалиција се коректни.
Собраниската седница за носење на законите за ЈО и за советот за јавни обвинители е во тек. Седницата за разрешување на министерката за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи, е предвидена да почне во 15 часот.