Се лаже секој што мисли дека без почитување на нашите закони може да се отворат бугарски универзитетски кампуси во Македонија во кои ќе се превоспитува младината во духот на бугарската историска наука, вели професорот и поранешен амбасадор во Бугарија Ѓорѓи Спасов.
Секоја благородна идеја, вели тој, може да биде различно толкувана и разбрана и потребно е појаснување за што се работи и со каква цел се оправдува. Инаку, нема никакви законски пречки која било странска компанија да отвори универзитет во Македонија ако ги исполнува условите.
– Законот за високото образование дозволува да бидат основани висоскошколки уставови, факултети и универзитети, под сосема јасни услови. Според тој закон вискошколска установа може да основа и странска компанија која ќе ги исполни условите, а тоа е наставата да се одвива на еден од службените јазици во Македонија (македонскиот и албанскиот) или на некој од светските јазици (член 24). Секоја новооснована установа за високо образование за да почне со изведување настава треба да ги исполни законските услови, а нејзината програма мора да добие акредитација од Одборот за акредитација на Република Македонија. Исполнувањето на условите го следи Државниот инспекторат на Министерството за образование – објаснува професорот Спасов за „Слободен печат“.
Тој додава дека треба да биде добредојден секој приватен универзитет од Бугарија или секој инвеститор кој ќе оцени дека сака да вложи пари во основање на непрофитна организација какви што се универзитетите во Македонија под условите што ги предвидува законот.
Повеќе >> Слободен Печат