Статус на проф. Гордана Силјановска Давкова:
НА КОНЗУЛИТЕ „НЕМА“ КОЈ ДА ИМ КАЖЕ?
Ќе се одважи ли некој(а) од ЕУ да им каже на ПРВИОТ И ВТОРИОТ КОНЗУЛ и на неговиот личен телал, деловнички наречен „прв заменик премиер“ дека европски стандард е првите луѓе на државните и јавни претпријатија, агенции и регулаторни тела да се регрутираат врз основа на стручност и компетентност, а не според етнички и партиски клуч? Ќе им укажат ли европските бирократи на македонскиве конзули дека партискиот критериум во европскиот политички амбиент досега до заменик – министрите, инаку непотребен, непродуктивен, политички статус , платен со народни пари, фрлени во меѓупартиската трговија со интереси? Ќе им пренесат ли стратешките партнери дека во нивните држави, статусот државен секретар е стручен, а не партиски профил, обучен и вичен во креирањето јавни политики што создаваат јавна вредност, а не јавни трошоци за лични и партиски олигархиски цели?
Зарем не се гледа ОДНАДВОР и ОДВНАТРЕ дека во сепартизираноста лежи НЕПРЕСУШНИОТ извор на корупцијата и криминалот?
Имам впечаток дека прагматичната ЕУ претпочита ПРЕКРИЕНИ ОЧИ и ЗАТВОРЕНА УСТА, како во однос на партизираната, корумпирана и криминализирана држава на некои свои членки, така и кон кандидатите за членки и кандидатите за кандидати за ЕУ, оставајќи широк простор за авторитарирни и хибридни креации/креатури на европската периферија, во кои УСПЕШНО ВИРЕАТ МОЌНИ ПОЕДИНЦИ, а ВЕНЕАТ преслабите институции.
Немам надеж дека Уставниот суд има намера да ги оспори ваквите ДИСКРЕЦИОНИ именувања, штитејќи ја клаузулата на недискриминација од членот 9 од Уставот, со која се предвидува ЕДНАКВОСТ на граѓаните во слободите и правата, независно од полот, расата, бојата на кожата , националното и социјално потекло, ПОЛИТИЧКОТО и верското уверување, како и ОПШТЕСТВЕНАТА ПОЛОЖБА.
Не верувам во неговиот демократски и стручен капацитет, со оглед на начинот на кој се избрани (не)уставните судии, заснован на нејасниот и неконкретизиран квалификатив „ИСТАКНАТ ПРАВНИК“ . Се разбира, квалификуваноста „ја процениле“ КОНЗУЛИТЕ, кои го имале првиот и последниот збор, а Собранието само го удрило партискиот, наместо граѓанскиот печат. Стравот, конформизмот и послушноста ги довеле до состојба на неактивност до степен на парализа и неосетливост на кршењето на уставот и законите.
Не забележувате ли дека по сите избори, во партискиве списоци главно се повторуваат ИСТИТЕ ЛИКОВИ, кои се селат од една во друга институција, деградирајќи ја претходната , по што, наместо санкција добиваат НОВА ПАРТИСКИ ДОДЕЛЕНА ШАНСА во друга државна или јавна институција, по методот на ЗАМЕНА, како што вели г-динот Груби, закитени со децениско НЕПРОДУКТИВНО, ПА И ПОГУБНО ИСКУСТВО.
А, членот 23 од Уставот, според кој : „Секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавните функции“ (о)станува уставна илузија и само НАДЕЖ И ПУСТА ЖЕЛБА за сите УЧЕНИ И КОМПЕТИТИВНИ МЛАДИ ЛУЃЕ, од една страна и АПСОЛУТНО ПРАВО на партиските МИЛЕНИЦИ, од друга.
Грдата реалност открива дека : по секои избори, лидерите на победничките партии – КОНЗУЛИТЕ, суверено одлучуваат КОЈ, КАДЕ И КАКО ќе директорува, без оглед на дипломата, стручноста и компетентноста! Сведоци сме на ФАНТАСТИЧНИ КАРИЕРИ од шофер(и) до највисоки функции!
Важна е само и само блискоста до ВЛАСТА, ЛИДЕРОТ и ПАРТИСКАТА ЕЛИТА. Впрочем, на ВЕСТИТЕ, како да е НАЈНОРМАЛНО, НАЈУСТАВНО И НАЈЗАКОНСКИ, не ИНФОРМИРААТ дека е постигната согласност и за „ТРЕТИОТ ЕШАЛОН“ (небаре војска) за ПОДЕЛБАТА НА ПЛЕНОТ – ФУКЦИИТЕ во управувањето на државните и јавни добра, читајќи НИ ПАРТИСКИ СПИСОЦИ. РЕТКО некој да ја оспори (НЕ)НАДЛЕЖНОСТА, (не)одговорноста и неморалот на ПРЕГОВАРАЧИТЕ и на ваквиот “ на „МОДЕЛ“на регрутирање, незамислив во ЕУ државите. Згора, БЕЗ СРАМ, НЕПРЕКИНАТО зборуваат за ПРАВНА ДРЖАВА, а неа ја чекаме како г-динот ГОДО!
До кога вештачката европска реторика на КОНЗУЛИВЕ ќе биде превез за олигархиската балканска реалност, во која КОРУПЦИЈАТА е најрасцветаната билка?