Рустеми: На Тони Трајковски да му се суди посебно, не дај Боже може да почине

Обвинителот Бурим Рустеми по вторпат бара одвојување на постапката во „ТНТ“, односно на обвинетиот ексградоначалник Тони Трајковски да му се суди посебно, поради медицинската документација која ја достави до судот, а со која се бара одложување на рочиштето оти тој не може да ја следи расправата.

Судискиот совет одлучи да не го прифати предлогот за раздвојување на постапката.

За предлогот, претходно, сите бранители на обвинетите побараа од судот да биде одбиен. Потоа, тие по неколку пати бараа збор од судијата Огнен Ставрев, давајќи слични образложувања зошто не треба да биде прифатен предлогот.

Миле Јанакиески, кој е еден од обвинетите во „ТНТ“, рече дека за него нема логика да се брза за да се донесе пресуда во предметот бидејќи предметот застарува за 11 години.

„Малку е чудно што на почеток на главно рочиште, кога обвинетиот е тука, обвинителството бара раздвојување на постапката. За мене нема логика ова, особено што предметот застарува во 2031 година. Не знам зошто на обвинителството му се брза за овој предмет”, рече Јанакиески.

По инсистирањата на бранителите за предметот да не се одвојува, Рустеми даде појаснување, велејќи дека Трајковски сам кажал дека не може да ги следи рочиштата повикувајќи се на медицинска документација.

„Не дај Боже, може да почине. Не може да му се суди во истата постапка, затоа барам и раздвојување”, рече Рустеми.

Судот побара присутните да излезат од судница, додека адвокатот Страшевски под рака го изнесе Трајковски во холот од судот.

loading...
SHARE