Попладнево се очекува Народната банка да прогласи пропаѓање на Еуростандард Банка – пренесува порталот Лидер.
Како што тврдат и од самиот портал, информацијата ја добиле од извори во банката.
Како што дознаваме, банката ќе пропадне поради неликвидност. Голем дел од штедачите ќе имаат голем проблем, а ќе има проблем и со пензионерите кои во голем дел земаат пензија од оваа банка затоа што е поврзана со Македонски Пошти.
Во 16:30, НБРМ има прес конференција на која се очекува да се објави пропаѓањето на банката. Инсајдерската информација создаде гужва и многу граѓани веќе ги повлекуваат своите пари.
Сопственик на оваа банка е познат македонски бизнисмен и поранешен градоначалник.
Извор: Лидер
Веднаш по објавената вест од страна на порталот Лидер, како и од неколку други портали, од Еуростандард банка излезе демант дека станува збор за лажна информација и шпекулација.
Еуростандард банка предупредува: Шпекулации и лажни информации се на штета на банката и на целиот финансиски сектор
Еуростандард банка АД Скопје ја известува јавноста дека во текот на денешниот ден се пласирани лажни информации кои се однесуваат на функционалноста на редовното работење на банката а кои директно се на штета на самата банката и нејзините клиенти.
За ширење на вакви шпекулации најгрубо се користи деловната мрежа на Македонска Пошта на РСМ како субјект со најразвиена бренд мрежа со што индиректно се обидува да се нанесе штета како на банката така и на целиот банкарски сектор, имајќи предвид дека преку Македонска Пошта на РСМ се врши најголемиот дел од платниот промет во земјата.
“Еуростандард банка најостро ги демантира овие невистини кои можат да имаат далекусежни последици кон банката и кон банкарскиот сектор како целина.” – информираат од Еуростандард банка.
За оваа појава Еуростандард банка веднаш ја извести НБРСМ и очекува дека истата ќе постапи согласно своите надлежности.
Од Еуростандард банка потенцираат дека банката продолжува со своето редовно работење, заштедите на клиентите се безбедни, истите се осигурени во Фондот за осигурување на депозити, се почитуваат сите законски регулативи за финансиско известување и за управување со ризиците од работењето.