Системот за поврат на ДДВ на граѓаните пробно веќе е тестиран и е подготвен да стартува од први јули, тврдат надлежните. Готова е и апликацијата која што граѓаните ќе треба да ја инсталираат на своите мобилни телефони, за да се евидентира нивниот промет и барањето за поврат на парите од платениот данок. Како подетално ќе се прави повратот на ДДВ, засега не откриваат ниту Министерството за финансии, ниту УЈП, иако до стартот на овој проект има само две недели. Ќе ги соопштеле набрзо на прес конференција. За оваа реформа власта подготвува и кампања, за да ги научи граѓаните како да си ги бараат парите назад.
– „Софтверските решенија се подготвени на начин кој е наједноставен за користење и без трошоци за граѓаните. Ќе се исплати сериозна сума на пари кај граѓаните, но цениме дека тоа е позитивна реформа и на подолг рок ќе резултира со значително намалување на сивата економија“, велат од Министерството за финанси.
Од УЈП велат дека системот ќе биде лесен за користење. Како ќе изгледа апликацијата за телефон се уште не се окрива и што ќе се случи доколку се појават грешки при пресметките.
– „Во изминатиот период УЈП работеше на софтверското решение, односно на систем којшто е наједноставен за користење. УЈП ќе ги стави во функција сите ресурси за помош и поддршка на граѓаните со цел да го остварат своето право на поврат на ДДВ“, велат од УЈП.
Државата ќе враќа 15 проценти од платениот ДДВ. Министерството за финансии вели дека мерката поврат на ДДВ има две цели. Да им бидат вратени дел од платените средства на граѓаните кои одговорно земаат фискална сметка и да се намали сивата економија во земјата, на што подолго време веќе предупредуват и ММФ и Светска банка.
Не се откриваат детали какви фискални импликации врз буџетот ќе има оваа реформа.
Во јавноста Заев веќе изјави дека право на поврат ќе има секој граѓанин над 15 години, кој има право да има лична карта, своја трансакциска сметка и да биде регистриран во е-даноци.
https://youtu.be/yF0CLRx5Dis