Статус на Петар Колев:
“С’што като исто на релација Скопје – Софија
Македонско-бугарските односи ја достигнаа својата точка на вриење и започна „игранката“ на убедување, во која безмалку ќе поверувам на случајности и желбата за братство и единство по стар југословенски модел…
Ќе читам секој ден експерти и мислења, меморандуми од невладини организации во Македонија, кои искрено имаат комплекс да зборуваат од името на бугарската „заедница”, која реално согласно реториката во Македонија и дефакто реалната ситуација ја нема (би додал само еден факт дека постоењето на македонските Бугари е небаре „фикција“ за македонските институции кои во својот состав немаат ниту еден македонски граѓанин кој се декларирал како македонски Бугарин).
Ќе започнат притисоци од структури блиски до власта, а и не само, туку и структури блиски до службите за безбедност, кои во неформален разговор кон луѓе кои имаат некакви позиции во Софија (во оваа група со рака на срце се исклучувам себеси, бидејќи јас реално и не сум некој фактор, можеби таков третман е спроведен кон некои мои соработници, но кон мене лично никогаш), та истите ќе објаснуваат за тоа колку е важно секој да помисли за својата „иднина“, како да му нудат билет за некаде, но ете ние просто смртните не знаеме за каде?!
И како од минатото и заборавот на забот на времето, ќе се актуелизираат односи на политичари, чии коалициски интерес е некои „флоскули” од минатото, искрен политички рецидив, да продолжат да вегетираат во македонско-бугарските односи и во иднина, со јасна цел, кога некој има во Македонија потреба да ги разбуди духовите, да ја извади темата за историјата и јазикот на маса.
Не си го арчете времето и парите на македонските даночни обврзници, македонско-бугарските односи одамна ја надминаа формата на безвременска емоционална вибрација, и се во фаза на чист прагматизам.
Единствениот излез од ситуацијата би можел да биде простата синтагма во која ние ќе ја прифатиме историската реалност, а денешна официјална Софија современите политички, етнички и јазични реалности.
И во овој контекст, нема како да не ја посочам искрената историско политичка „шизофренија“ во која ние како општество немаме ништо против Влав по етничка припадност , да е македонски револуционер и борец за автонмија на Македонија и Одринско, кој да биде величен во нашата химна како национален херој, и според мене тој навистина е таков (Питу Гули) , немаме ништо против да имаме Албанка по националност, македонска мисионерка и носителка на Нобелова награда за мир и објавена за светица од папата Франциско во 2016 година (Мајка Тереза), но никако и по цена на „СЀ“ не дозволуваме и нема да дозволиме Бугарин по националност, македонски револуционер, кој се борел за автономијата на Македонија и Одринско да биде дел од нашата колективна меморија.
Од страна на официјална Софија пак нема како да се исклучи сериозниот општествен и јавен притисок, како и реалната можност поради темата Македонија да падне владата на премиерот Борисов, особено притисокот од граѓаните на Бугарија кои имаат потекло од Македонија, кои по неофицијални податоци се над 2 милиони, кои никогаш и под никаква форма нема да прифатат теза на „с’што-като исто“.
Каде се денешните наследници на македонските војводи? Каде се Шапкаревци, Дрангови, Матови, Развигорови, Александров и многу други во оваа дебата? Тие војводи и македонски легенди и ден денешен имат живи свои ќерки и синови, внуци и правнуци, кои иако се на длабока возраст располагаат со неверојатни интелектуални, општествени и политички позиции. Ова како факт, мојата скромна човечка судбина ми дала можност и чест да ги слушнам и видам со сопствени очи и уши и да разговарам со нив.
Чуму е потребно таков голем напор и притисок да испраќаме посредници, меморандуми и слично, кога голем дел од тие луѓе, наследници на македонските војводи се дел од институциите на Бугарија?
Кога ќе дочекаме ден во кој министерот за надворешни работи на Македонија после својата официјална посета би одделил 30 минути да се сретне со наследниците на македонските војводи?
Кога ќе дочекаме посета во самостојна и независна Македонија во која со највисоки државни почести ќе ги пречекаме Дрангови, Развигорови, Шапкаревци, Матови, Александрови и други?
Кога ќе видиме интервју, гостување и разговор на некоја македонска телевизија со тие луѓе, па ете тие нека кажат за својата семејна историска меморија, за односот на комунистите кон нив и за илјадниците писма, документи и спомени кои ги чуваат во своите семејни архиви и ќе и ги претстават на нашата македонска јавност?
Помеѓу Македонија и Бугарија не ни се потребни посредници, игранки и „интелектуалци”, доволно е да ги ислушаме исказите, болката и љубовта на ќерките, синовите и внуците на војводите, оние кои го дадоа својот живот за нашата, но и за слободата на нивните наследници.
Со Тодор Александров внук на легендарниот водачот на ВМРО, Тодор Александров Попорушев.”