Пендаровски за Илинден во Пелинце: Секој украден денар, наместен тендер, се причина за заминување на младите

Прочитај за: < 1 минута

Претседателот Стево Пендаровски од Пелинце денеска побара правда, слобода и достоинствен живот за граѓаните, за да не ја напуштаат државата за подобра.

„Нашата битка денеска е да обезбедиме достоинствен живот за нашите граѓани во нашата земја, а не надвор од неа. А за тоа мора да има правда и слобода“, рече тој во неговата претпладневна порака, по повод 117 години од Илинденското востание и 76 години од Првото заседание на АСНОМ.

Нашите граѓани со право се разочарани, рече тој, кога гледајќи обвинителство кое беше надеж за расчистување на криминалот се распадна, со тоа што и самото стана дел од организираниот криминал.

„Секој злоупотребен денар, секој наместен тендер, е причина повеќе за одлуката на заминување на многу млади и на зголемување на фрустрациите од нашите луѓе во нашата земја. Единствениот начин да изградиме праведно општество е да го почитуваме правото. Веднаш по изборот на претседател на државата, реков дека ќе биде да работам на граѓанското помирување, кое ни е потребно од било кога. Се надевам и очекувам таа заложба да биде поддржан од Владата и од опозицијата.“, рече Пендаровски.

Зборуваше и за сите знајни и незнајни херои, комити и партизани кои ги дадоа своите животи во борбата за слобода и независна држава.

„Благодарение на нив, денес живееме во мир и во своја, меѓународно признаена држава. Затоа никогаш не смееме да го заборавиме нивниот придонес и инспирирани од нивното дело треба да продолжиме да работиме на благосостојбата и просперитетот на државата, почитувајќи се меѓусебно. Мораме да бидеме доблесни и да ја признаеме нивната жртва, свесни дека ништо ниту почнува, ниту завршува со нас“, кажа тој.

И во оваа прилика тој нагласи дека нашата држава реализираше членство во НАТО после долги години блокади. Уверен е дека овој процес претставува зацврстување на нашата државност, на нашата позиција во меѓународните институции.

Извор: СДК

SHARE