Да има пописна графа за Бугарите во земјава: Министерот Османи по реакциите од Бугарија

Прочитај за: < 1 минута

Претставниците на здруженијата на Бугари во Македонија да ги контактираат пописните органи и да побараат графа за да се изјаснат како сакаат на овој попис, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска, а по неколкудневни реакции на бугарските официјални власти кои тврдеа дека околу 100.000 граѓани со бугарско државјанство немаат права во земјава.

„Уште веднаш, претставниците на овие здруженија треба да ги контактираат пописните органи и да побараат соодветна графа во рамките на пописот, со цел утврдување на квантитативната, демографската и географска дистрибуција на оваа засебна заедница, што би придонело значајно при формирањето на идните политики и на Владата, и на соодветните единици на локалната самоуправа и воопшто на државата, вели Османи.

Додава дека неговата објава е по реакциите за односот и правата на бугарската заедница во Република Северна Македонија.

„Овие реакции прво беа пласирани како мислење и ставови на одредени граѓански асоцијации, а потоа посочени како проблем и од одредени официјални претставници на Република Бугарија.

Република Северна Македонија има исклучително успешен модел на мултиетничко држава. Покрај колективните права на поголемите заедници, постојат функционални механизми за заштита и на помалите етнички заедници. Во ова смисла никој не смее да ги загрозува правата на бугарската заедница во земјава, и нивната посебност; напротив, граѓанските организации треба да бидат охрабрени да соработуваат со властите и да бидат внесени во сите механизми за остварување на своите колективните права, пишува Османи.

Вчера бугарската вицепремиерка и министер за надворешни работи Екатерина Захариева рече дека Бугарите во земјава се заплашувани и немаат право на самоопределување. Претходно и претседателот Румен Радев тврдеше дека овие луѓе немаат права во Македонија.


- Следи Македонски Весник за повеќе содржини -

SHARE