По спроведена сеопфатна истражна постапка, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинителен акт против поранешен претседател на Државната изборна комисија, тројца вработени во ДИК и еден управител на економски оператор, соопшти Јавното обвинителство.
Обвинетите, како што информира Обвинителство, се товарат за кривичното дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ од член 353 став 5 од Кривичниот законик, кое го сториле при две јавни набавки, со што го оштетиле Буџетот на Република Северна Македонија за 1.312.409 денари.
– Имено, И.Ќ., А.А. и А.Ш. вработени во ДИК, како членови на Комисијата за јавни набавки, во периодот од февруари до септември 2020 година неизвршувајќи ги своите службени должности при спроведување на постапката за јавна набавка на софтверот за изборите, не го почитувале минималниот законски рок за поднесување понуди, не утврдиле дека економскиот оператор ДУНА ДОО Скопје не ги исполнува условите за учество во постапката и притоа не спровеле правилна постапка за евалуација на доставените понуди, туку понудата ја оцениле како прифатлива и доделиле максимален број на бодови, информираат од Јавно обвинителство.
Врз основа на Извештајот од спроведена постапка, се додава во соопштението, првообвинетиот Оливер Дерковски, како претседател на ДИК, без да изврши контрола на постапката за евалуација на понудите, донел одлука за избор на најповолен понудувач.
– Откако постапката била поништена, првообвинетиот спротивно на мислењето на Бирото за јавни набавки, донел одлука за спроведување на постапка со преговарање без објавување на оглас и притоа по негови насоки биле намалени критериумите за вреднување на економските оператори во делот на квалитет, објаснуваат од ЈО.
Повеќе >> a1on.mk