Нови имиња од аферата „Мафија“: Македонски пасош има црногорскиот атентатор Стеван Ѓукиќ и водачот на албанскиот картел Флоријан Мусај

Прочитај за: 2 минути

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, на денешната прес-конференција за аферата „Мафија“ откри уште две лица коишто поседуваат македонски пасош со позајмен идентитет, а како што посочи, еден од нив е познат црногорски атентатор.

– Како е возможно на 29 јануари 2020 година црногорски атентатор да се слика за македонски пасош и да оди во Украина за да изврши атентат, каде што е фатен токму со македонски пасош? До нас стигнаа нови документи за пасоши на криминални структури. Дали македонски пасош издаден од МВР имал и водачот на познат нарко картел од Албанија? МВР во регуларна постапка на 17 јули 2019 година му издала македонски пасош со број Ц1265083 и на шефот на нарко-кланот од Албанија, Флоријан Мусај, со позајмен идентитет на Наум Фило роден на 22 јануари 1986 година. Ги повикувам медиумите подетално да истражат кој е овој човек. Мусај станува познат кога против неговиот нарко картел во меѓународна соработка на полициските слижби на Германија, Холандија, Италија и Албанија се откриени 91 килограм кокаин во вредност од 20 милиони евра. Според информациите, по добивањето на македонски пасош, Мусај патува низ повеќе европски држави, а во октомври 2019 година пристигнал во Јужна Америка. Користејќи го македонскиот пасош на име Наум Фило патувал низ многу држави – рече Николоски.

Втората индиција, додава тој, е дека македонски пасош поседува Стефан Ѓуќиќ, кој е осомничен за обид за убиство на еден од водачите на Кавачкиот клан.

– Обидот за убиство се случил во Украина, а името е Радивоје Звицер. Стефан Ѓуќиќ имал македонски пасош на име Каче Ѓерѓи. Човек којшто медиумите го условваат како платен убиец имал македонски пасош издаден од МВР. Вистинското прашање е зошто овие пасоши беа премолчувани? Зошто кога Јован Вукотиќ бил осуден во Белград поради лажен пасош, македонското МВР не реагираше? Како е можно Седат Пекер четири дена по протерувањето да се слика за лична карта во Скопје? Одговорот е затоа што мафијата е во врвот на власта. И на крај, зошто МВР не проверува какви банкарски сметки имаат овие луѓе во земјава? Ова е срам за земјата и ова мора да заврши со оставка и одговорност – истакна Николоски.

Извор: Плус Инфо

- Следи Македонски Весник за повеќе содржини -

SHARE