М.Јорданова: Во прилог се одговорите на сите 14 прашања кои беа упатени до Министерството за здравство

Мери Јорданова, венко филипче
Прочитај за: 7 минути

Драги пријатели, во прилог се одговорите на прашањата кои пред неколку дена ги постирав тука, упатени до Министерството за здравство.

Ги објавувам овде од две причини. Првата е затоа што прашањата бев принудена да ги објавам на Фејсбук, откако Министерство за здравство одговори дека „поради набиена агенда на министерот Филипче не може да одговори на барањето“. Оттаму, сметам дека и одговорите треба да се објават на Фејсбук.

Втората причина, зошто не ги објавувам во форма на интервју, е бидејќи иницијалното наше барање беше ТВ дебата со министерот во живо, со неколку новинари кои го водат секторот здравство и можност граѓаните да поставуваат прашања. Вакво писмено одговарање на прашања, без можност да се постават потпрашања и без да се гледа реакцијата на соговорникот, никогаш не била политика на нашата редакција.

Во секој случај, сметам дека граѓаните заслужуваат и бараат одговори, па во прилог се истите, во интегрална форма:

Прашање 1:
Како сум заштитена од Ковид-19 ако седам во кафана без маска, јадам и пијам во затворен простор, а ставам маска кога ќе ја напуштам кафаната? Истото прашање важи и за теретана, на пример.

Одговор:
Сите економски оператори, вклучително и овие кои ги споменувате имаат строги протоколи за работа. Почитувањето на тие протоколи докажано обезбедува заштита на граѓаните од Ковид-19, но и непречена работа и функционирање на економијата, нешто што е исто така многу важно. Угостителските објекти дополнително имаат нови ограничувања на работното време, бројот на гости на една маса, начинот на работа, музиката и сл. Ние сме меѓу малкуте земји кои навремено воведоа протоколи за секоја дејност токму со цел да се заштитиме, но и да продолжиме со работа. Маската на отворено има докажано позитивен ефект во сите земји кои ја воведоа и ја воведуваат секојдневно во есенскиот бран. Нема ништо контрадикторно или спорно во мерките, напротив сите се универзално прифатени и проверени.

Прашање 2:
Имате ли било какво образложение, зошто сме на 18-то место во светот според смртност од Ковид-19, а сме на прво место во регионот?

Одговор:
Имено, помалите земји секогаш имаат полоша бројка на смртност кога истата се пресметува на 1.000.000 жители, податок на кој и вие се повикувате, но не го споделувате. Па така, добро е да се каже дека на таа листа први се Сан Марино и Андора. Пресметката на смртност која од почеток ја сметаме за релеванта и која ја користи Светската здравствена организација е процент на починати од заразени. И тука сме апсолутно во рамки на европскиот просек, а далеку под некои европски земји. Денешната бројка е 3,2% додека европскиот просек е 2,9%. Секако, не велам дека смртноста кај нас е ниска, но оваа статистика е важно да се објасни.

Второ и многу битно дозволете да кажам дека ова не е натпревар, кој ќе има подобар резултат, сепак зборуваме за животи, а секоја замја има свој посебен начин на евидентирање на починатите. Затоа сметам дека не е соодветно да се прават споредби. Па така би сакал да го повторам многу пати досега кажаното дека во нашата евиденција влегуваат и позитивните пост-мортем брисеви, нешто што не се прави во најголем дел од земјите во регионот и Европа. А такви брисеви се земаат од пациенти за кои семејството укажало дека имало симтоматологија на вирусот или по проценка на лекар, ако лицето почине непосредно по прием.
Ова го правиме заради подобар епидемиолошки увид и заштита на семејствата и изолација на оние кои биле во контакт. Ако престанеме ова да го правиме може да ја спуштиме смртност за минимум 30% до 40%. Но освен што тоа ќе ги смени бројките, не сметам дека ќе го реши проблемот со смртноста. Развојот на болеста е непредвидлив и затоа постојано апелираме граѓаните да бидат максимално внимателни и да се штитат, а јас одговорно тврдам дека колегите даваат максимум и се борат за секој живот.

Прашање 3:
Битни кадри од Инфективната клиника во Скопје дадоа откази и си заминаа… Зошто, какви образложенија ви дадоа луѓето кои посветија децении во клиниката?

Одговор:
Како и во секоја работа така и во оваа, секој вработен има право да избере ново работно место. Причините се секогаш индивидуални и никогаш не е една причина. Ако алудирате на тоа дека можеби причината е некаква грешка на менаџментот, ниските плати или слично, ќе посочам неколку работи: Прво, во три години имаме најголем раст на платите на здравствените работници, јасен индикатор за влогот во нив кој го правиме. Второ, сите вработени ја имаат мојата најголема поддршка и разбирање. Мојата врата е секогаш отворена за сите мои колеги, без иклучок и секогаш заеднички се бара решение за сите проблеми. Така постапив и во последните случаи кога одредени вработени сакаа да заминат од работа. Трето, веќе осум месеци секојдневно сите здравствени работници се изложени на огромен ризик, напор и стрес. Ова само по себе може да е доволна причина да едноставно имаат потреба од промена. Иако сметам дека сега е важно сите мои колеги до крај да издржат, а знам дека воопшто не е лесно, исто така треба да се има разбирање за некој кој едноставно во овие услови тешки времиња решил да си оди.

Прашање 4:
Чувството дека ги набедувате луѓето дека се одговорни за сето ова што се случува е неизбежно. Чувствувате ли вие некаква одговорност, освен онаа што ја префрлате на граѓаните?

Одговор:
Сметам дека е апсолутно некоректно да го ставате во овој контекст терминот набедување. Од почетокот на оваа криза, никој никогаш, тука мислам на Комисијата, Институтот, Миснистерството и сите други кои се вклучени во справување со епидемијата, не дал паушално толкување, туку факти кои произлегуваат од анализи. Па така, лоцирањето на причините за ширење на вирусот кои произлегуваат исклучиво од епидемиолошките анкети, укажуваат најчесто на прекршување на протоколите и непочитување на мерките. Сосема спротивно на вашата констатација, ние постојано информираме за начините како граѓаните да се заштитат и како да го спречиме вирусот да се шири. Тоа е точно информирање и апелирање за почиутување на мерките и превенција. Впрочем, истите апели и истите пораки ги користат сите други земји во подигање на свеста на граѓаните за нивната клучна улога во спречувањето на ширењето на пандемијата. Мојата одговорност како Министер за здравство во однос на пандемијта се состои од три клучни аспекти: 1) Навремено и транспарентно информирање 2) Предлагање на протоколи и мерки за сузбивање на вирусот до Владата и кризниот штаб, и 3) Менаџмент на клиничките центри и организација на кадарот. Во сите три аспекти сметам дека целосно професионално и навремено одговоривме и во континуитет одговараме на предизвикот.

Прашање 5:
Каде се тестираа вашите сопартијци за Ковид-19? Платија приватно или одеа преку ред, со оглед на тоа што се чека по минимум 8 дена за тестирање преку Мој термин?

Одговор:
Тие се тестираа во јавно-здравствените установи. Сите лица кои се на јавни функции и се дел од виталните органи на власта се третираат како ургентни случаи за тестирање. Ова не се прави заради никаква политичка привилегија, туку заради заштита на функционирањето на државните институции. Ова е пракса во сите земји во светот и тоа не само за пандемии, туку за секоја друг тип елементарни непогоди. Секогаш приоритет на заштита се дава на носителите на високи државни функции со цел заштита на нормалното функционирање на државата. Ве повикувам ова слободно да го проверите во сите останати земји.

Прашање 6:
Што точно мислите кога велите дека луѓето доцна се јавуваат на доктор, па затоа последиците од Ковид-19 се смртоносни? Кога треба да се јават и каде? Колкава температура треба да качат, какви симптоми треба да имаат за да дојдат во болница?

Одговор:
Анализата на смртноста која ја спроведовме во Инфективната клиника и болницата 8 Септември, покажа дека голем дел од случаите кои завршиле фатално доцна дошле во болница. Така, просечен ден на хоспитализација на починатите е 7,2 дена а речиси 30% од сите починати починале по само три дена од прием. Ова укажува дека доаѓаат во веќе многу лоша состојба, односно прилично доцна. Секако, оваа не е единствената причина но е значаен индикатор. Затоа постојано апелираме граѓаните внимателно да го следат развојот на болеста, да не ги игнорираат засилените симптоми и итно да се оди на лекар кога состојбата се влошува.

Прашање 7:
Набавивте брзи тестови за Ковид-19, а првиот слободен термин за тестирање е 10 ноември. Тестовите се можеби брзи, но термините очигледно не. Зошто не се решите да ги вклучите приватните лаборатории да вршат тестирања кои ќе ги покрива Фондот?

Одговор:
Во моментов сме во преговори за тестовите да бидат на фондот како што веќе најавив оваа недела. Што се однесува до термините за што исто така информирав, тие се пополнија нагло заради силниот бран и наплив на многу пациенти. Но секојдневно се зголемуваат капацитетите за тестирање и така на пример вчера имавме рекордни 2700+ тестови и оваа бројка ќе расте. Истиот проблем се јави и во првиот бран на пролет но и тогаш го решивме, а тоа ќе го направиме и сега.

Прашање 8:
Како носењето маски на отворено ќе го спречи ширењето на вирусот?

Одговор:
Носењето на маска на отворено има докажано позитивен ефект и даде резултат во Јапонија, Сингапур и многу други земји. Пред некој ден имаше информација дека Тајван повеќе од 200 дена нема локална трансмисија, а тајванците носат маска секаде. Маските покрај тоа што штитат од Ковид, штитат од сите други вируси кои се јавуваат во есенскиот период, дополнително земајќи во предвид дека загадувањето докажано го засилува пренесувањето Ковид 19. Иако е точно дека вирусот на отворено потешко се пренесува, целта е да се минимизираат шансите за пренос. Точно се определени условите кога не мора да се носи маска и тие секако предвидуваат дека може да се спортува, да се шета во планина и слично без маска.

Прашање 9:
Молиме за детална статистика – колку лица во 2020 починале како последица на срцев удар, мозочен удар, сите одделни видови на канцер, односно молиме за статистика за причините за морталитетот во 2020 година, споредбено со 2019.

Одговор:
За овие податоци ќе треба повеќе време, ќе ви ги доставиме во текот на следната недела.

Прашање 10:
Зошто не се врши обдукција на лицата за кои велите дека починале како последица на коронавирусот?

Одговор:
Одлуката дали ќе се прави обдукција се носи во два случаи, на барање на лекарот ако не е јасна причината за смрт или на барање на обвинител ако се работи за судски случај.

Прашање 11:
Ако на најголем „удар“ се лицата со хронични болести и повозрасните категории граѓани, што правите вие за да ги заштитите истите?

Одговор:
Правиме се што е потребно. Сите кои се хронично болни и имаат потврда од специјалист дека нивната состојба е ризична, се ослободени од работа и примаат задолжително минимум 70% од својата плата. Со тоа никој од оние кои се вистински во ризик не е на работа. Проценката која ја прави лекарот специјалист е за да се одвојат лицата кои се вистински во ризик од оние кои не се, а ја носат истата шифра за дијагноза. Во Мој термин можат да се добијат повеќе податоци за тоа колку хронични болни се сеуште дома и заштитени од вирусот.

Прашање 12:
Зошто не набавите бесплатни маски за ранливите категории граѓани?

Одговор:
Мерката која ја донесовме е задолжително носење на заштитна прекривка на устата и носот, со што граѓаните не мора да купуваат задолжително маски и да се изложуваат на трошок. Тие може да користат различни форми на заштита како прекривки, шалови и платнени маски за повеќекратна употреба. Сметам дека со тоа се намалува финансискиот товар врз овие граѓани.

Прашање 13:
Зошто лица кои загинале во сообраќајни несреќи, извршиле самоубиство и сл., а биле позитивни на Ковид -19, ги водите како починати како последица на коронавирусот?

Одговор:
Само да појаснам, не се водат сите, тоа апсолутно не би имало смисла. Се водат само оние кај кои од некоја реална причина бил земен постмортем брис и истиот изгелол позитивен.

Прашање 14:
Зошто нема термин да се закаже тестирање на државна сметка, а во секое време граѓаните можат да се тестираат на истото место, во ИЈЗ, ако платат приватно, 1850 денари?

Одговор:
Оваа констатација не е точна, оние кои не се со индикација за итно тестирање, тестот им е потребен за патување или слично може да се тестираат брзо на своја сметка.


– Следи Македонски Весник за повеќе содржини –

- Следи Македонски Весник за повеќе содржини -

SHARE