[Видео] Пратеникот Мартин Костовски се снимаше и го фалеше СДСМ додека вози, полицијата го казни

Прочитај за: < 1 минута

Пратеникот од СДСМ, Мартин Костовски, снимаше видео на мобилен телефон додека возеше. Видеото го објави на социјалните мрежи пред три часа, а во меѓувреме полицијата соопшти дека е казнет поради користење на мобилен телефон додека управува возило.

Во видеото поранешниот директор на Службен весник ги фали политиките на владеачката партија.

„Доаѓаат убави денови за Јавните претпријатија во Куманово и државата. Предлог-закон за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на јавните претпријатија. СДСМ ги исполнува дадените изборни ветувања, претпријатијата да работат, а не да враќаат долгови со години“, напиша Костовски на Фејсбук.

Веднаш потоа Министерството за внатрешни работи соопшти дека е казнет пратеник, кој зборувал на телефон додека вози.

„Полициски службеници од СВР Скопје денеска (18.01.2021) му врачија платен налог на пратеникот М.К., кој го прекршил Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата со тоа што зборувал на мобилен телефон додека го управувал своето возило на патот Куманово-Скопје“, соопштија од МВР.

Од таму не соопштија колку ќе го чини Костовски платниот налог, но апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.

- Следи Македонски Весник за повеќе содржини -

SHARE